СДСМ: Левица повторно е сателит на Мицкоски и работи за неговата кампања за предвремени избори

СДСМ ја обвини Левица дека повторно ја игра улогата на „сателит на Мицкоски“, откако партијата најави дека в понеделник ќе побара координативна средба на опозициските партии за Изборниот законик.
Од СДСМ оценуваат дека станува збор за, како што велат, „веќе видено сценарио“ со кое, преку сателитски партии, се прави обид опозицијата да биде вовлечена во, како што наведуваат, „валканата игра“ на премиерот Христијан Мицкоски.
„Прашањето е едноставно: Зошто опозицијата би требало да се собира по нарачка на Мицкоски? Дали тој е класен наставник кој ќе ја повикува опозицијата кога сака? Дали ние треба да ја играме неговата игра и да му правиме театар за јавноста?“, прашуваат од СДСМ.
Партијата наведува дека своите предлози за Изборниот законик веќе ги доставила во Собранието и дека тие, според нив, обезбедуваат фер и транспарентни избори и спречуваат можност за изборни злоупотреби, особено со гласовите од дијаспората.
Од СДСМ тврдат дека Мицкоски преку Левица се обидува да создаде впечаток дека опозицијата ги блокира реформите, додека, според нив, вистинската цел е носење закон што ќе овозможи манипулација со изборниот процес.
„СДСМ нема да учествува во оваа претстава. Нема да му бидеме алиби на Мицкоски. Нема да се собираме за да му правиме услуга во неговата кампања за предвремени избори“, се наведува во партиското соопштение.






