„Контролирано судство – Мицкоски го спаси Груевски за „Талир 2“ и го врати криминалниот имот“, вели Кузеска

На прес-конференција, портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, обвини дека пресудата во предметот „Талир 2“ е доказ за, како што велат, политичко влијание врз судството и обвинителството, оценувајќи дека поранешниот премиер Никола Груевски е спасен од одговорност, а партискиот имот на ВМРО-ДПМНЕ е повторно достапен.

Кузеска изјави дека по осум години „Белата палата“, која според партијата вреди 14 милиони евра, како и останатиот партиски имот во вредност од околу два милиони евра, повторно се во сопственост на ВМРО-ДПМНЕ.

Според неа, во државата нема вистински реформи во правосудството и нема правда, туку институции кои, како што тврди, работат во интерес на власта.

Кузеска рече дека одлуките поврзани со предметите „Талир 1“ и „Талир 2“, вклучително и промените во обвинителскиот тим и критиките кон судиите кои ги водеа овие случаи, биле дел од поширок процес на политичко влијание врз правосудниот систем.

Таа го обвини премиерот Христијан Мицкоски дека не презел чекори за екстрадиција на Груевски од Унгарија и дека намерно не биле испратени потребните документи.

„Ова е свесна заштита на Никола Груевски, најголемиот симбол на криминалот и корупцијата во Македонија“, изјави Кузеска.

Од СДСМ порачаа дека очекуваат во иднина да има, како што наведоа, вистинска правда и одговорност за сите инволвирани во случаите поврзани со поранешното раководство на ВМРО-ДПМНЕ.

Back to top button
Close