Познат адвокат во Атина до смрт претепан во својата канцеларија
Во полн ек е истрагата за смртта на адвокатот по кривично право Ставрос Георгиу, кој беше пронајден мртов во својата канцеларија во центарот на Атина доцна синоќа, пишува порталот „Прототема“.

Според досегашните информации, судскиот вештак не констатирал повреди што би укажувале на употреба на нож или огнено оружје, а се проценува дека Георгиу бил мртов околу 24 часа пред да биде пронајден.
Напротив, доказите упатуваат на заклучок дека адвокатот бил брутално претепан со тупаници и клоци, главно во пределот на главата, каде што настанале и повредите што предизвикале крварење.
Надлежните ја истражуваат можноста несреќниот човек за време на нападот да удрил и во мебелот во канцеларијата.
Во неговата канцеларија немало безбедносни камери, а сторителот или сторителите го одзеле и неговиот мобилен телефон.
Според информациите, адвокатот не одговарал и не давал знаци на живот неколку часа, што предизвикало голема загриженост кај неговото семејство. Неговите шеснаесетгодишни ќерки-близначки се обиделе да стапат во контакт со него по телефон, но тој не одговарал на нивните повици.
Како што минувале часовите без никаков контакт, девојките отишле во неговата канцеларија, каде што ѕвонеле на ѕвончето, но никој не одговарал.
Нивното довикување го слушнал еден од станарите во зградата, кој го известил домаќинот на зградата. Домаќинот ја отворил просторијата, каде што се открила трагична глетка.
Ставрос Георгиу бил пронајден мртов во својата канцеларија.
Според првичните информации, неговото тело било најдено голо, во свиткана положба, додека во просторијата имало траги од крв, а облеката му била расфрлана. Истовремено, на влезот од канцеларијата не биле забележани видливи знаци на насилен влез или провала.
Набргу потоа, на местото на настанот пристигнал братот на жртвата, видно потресен, и побарал од полицајците да му дозволат да влезе во канцеларијата за да го види својот брат. Обраќајќи им се на новинарите, тој рекол дека и тој се обидувал да стапи во контакт со него уште од пладнето истиот ден, но без успех.
Просторот околу зградата набргу бил блокиран со присуство на голем број полициски сили, а на местото на настанот бил повикан и судски вештак.






