Гостивар покажа дека државата остана без контролни механизми
Случајот со водоснабдувањето во Гостивар уште еднаш покажа дека државата остана без контролни механизми над носителите на функциите и над раководните лица. Инспекции излегуваат на терен само откако ќе се случи трагедија, како што беше впрочем и искуството со Кочани, а еве и во Гостивар дознавме дека локалниот Институт за јавно здравје го уверувал населението дека водата е исправна за пиење иако не била.

Сето тоа е резултат на децениска негрижа во државата и надвиснувањето на партиите над државните институции како темен облак. Никој не контролираше ни кој издава дипломи и како се добиваа оценки на универзитетите, што доведе до ситуација раководни личности на хартија да имаат валиден документ за завршено образование, но да немаат стручно знаење. Партијата на власт, и сега и порано, стана и инспектор и судија и обвинител, и директор и професор и издавач на дипломи и уверенија.
Резултатот од тоа е распаднат систем и некомпетентни луѓе на важни раководни места. Уште по трагедијата во Кочани напишав овде дека таа нема да биде последна, туку ќе следат и други затоа што е веќе сосема јасно дека системот не функционира. Да функционираше, ќе се „подигнеше” по загинувањето на 63 недолжни младинци и комплетно ќе се обновеше. Но тој продолжи по старо, веројатно затоа што му е толку силата. Односно државата функционира со беспомошен систем кој по потреба го туркаат партиите кога тие имаат интерес за тоа. Дојдовме до ситуација системот да не им служи на граѓаните, туку постојано ги изневерува.
Партијата помила од државата
Властите не се трудат да го поправат системот, затоа што им е помила партијата од државата. Не им е толку мила ни партијата, но преку неа добиваат привилегии и богатство, им дава секаков вид заштита и затоа се одлучни да ги штитат партиските наместо државните интереси. Да беше обратно немаше во понеделникот (20.07) новинарите цел ден да молат за резултатот од анализата на водата во Гостивар, а одговорот што го добиваа беше дека не може да го добијат. Како да не е тоа прашање од највисок јавен интерес. Да имавме функционален систем немаше резултатот од анализата да биде кришум доставен до портали блиски до власта, божем го дознале од свои извори. А и градоначалникот веднаш ќе поднесеше оставка наместо да се крие и порачува дека не чувствува одговорност.
Но да се вратиме на системот. За да функционира системот, треба да се спроведува законот. А кога се спроведува законот се губат гласачите. Некогаш се губи и власта ако не биде задоволен коалицискиот партнер и ја напушти владата. Тоа е тој клиентелистички систем кој е инсталиран во Северна Македонија со години наназад и сега секое негово демонтирање ќе ги чини скапо партиите и затоа избираат модел на функционирање кој не е во интерес на граѓанинот, туку во интерес на партиите и нивните врхушки.
Така и овие два три дена не видовме ништо посебно освен контрола на штетата – позната политичка техника која служи да ја стабилизира власта кога ќе ѝ се затресат нозете. Тоа се виде и на прес-конференцијата во вторникот (21.07), кога само директорката на инспекторатот за животна средина знаеше што зборува и си ја познава областа на работа. Другите учесници – министерот за животна средина и директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство зборуваа неуверливо, па дури и на моменти некомпетентно, обидувајќи се да кажат што помалку наместо што повеќе. Како да беа застанати пред новинарите да ги скријат работите, а не да ги обелоденат.
Данокот на партизацијата
Во меѓувреме, нема одговор зошто Институтот за јавно здравје издавал документи дека водата е исправна за пиење кога не била исправна. Нема одговор како на населението ќе му биде обезбедена техничка вода која е поважна од водата за пиење што може да се купи, бидејќи техничката е во многу поголеми количини и служи за целокупното функционирање на домаќинствата, пекарниците, продавниците, рестораните и.т.н. Ги нема Дирекцијата за заштита и спасување и Центарот за управување со кризи. Тие катастрофално потфрлија и во Кочани.
Целата работа во Гостивар е божем транспарентна, но истовремено и магловита. Неквалификуваноста на партиските кадри во целата држава е толку очигледна што удира во здравиот разум. Сигурно има и професионални кадри со партиска книшка, но поради мнозинството кои не се тоа, професионалците со партиска книшка се во позадина и незабележани од никого. И не е само Гостивар. Партизацијата е на секој чекор, на секоја позиција и надвор од секоја логика. Пред само една недела, на пример, беше сменет министер за здравство без на јавноста да ѝ бидат понудени стручни причини зошто е заменет со друг кадар. Тоа е само мал пример. Ги има стотици, илјадници. Таа состојба веќе го зема својот данок, а ќе го зема и во иднина. Велат, најтешко се гледа тоа што не сакаш да го видиш. (Dw)
Соња Крамарска






