Новиот лидер на Хамас најави продолжување на досегашната политика на движењето

Новиот лидер на палестинското исламистичко движење Хамас, Халил ал Хаjа, денеска изјави дека ќе ја продолжи досегашната политика на организацијата, нагласувајќи дека главен приоритет е обновувањето на достоинствениот живот на населението во Појасот Газа, јави ДПА.

Во своето прво обраќање откако во понеделникот беше избран за лидер на Хамас, Ал Хаjа повика на прекин на израелските воени операции во Газа, воспоставување сеопфатен прекин на огнот и повлекување на израелските сили.

Тој, исто така, ја повика меѓународната заедница да изврши притисок врз Израел за исполнување на обврските од мировниот план за Блискиот Исток, договорен со посредство на американскиот претседател Доналд Трамп.

Планот предвидува и разоружување на Хамас, што е еден од клучните услови за обновата на Појасот Газа, но Ал Хаjа не се осврна на ова прашање.

Во Газа е во сила договор за прекин на огнот од октомври 2025 година, иако израелските воздушни напади и другите вооружени инциденти и натаму предизвикуваат жртви.

Според различни проценки, Израел контролира меѓу 65 и 70 проценти од палестинската територија, додека блискоисточните аналитичари оценуваат дека Хамас ја консолидирал својата власт во областите што остануваат под негова контрола.

Шеесет и петгодишниот Ал Хаjа е роден во Појасот Газа, но најголемиот дел од последните години живее во Катар.

Минатата година израелските воздухопловни сили се обидоа да го нападнат раководството на Хамас во катарската престолнина Доха, а според медиумските извештаи, Ал Хаjа бил меѓу целите на нападот.

Четворица негови синови загинаа во израелски напади, меѓу кои и еден во нападот врз Доха.

Back to top button
Close