Европа избира нов изглед на еврото: Бетовен, Марија Кири или реки и птици

Европската централна банка (ЕЦБ) ги претстави десетте финални решенија за идниот изглед на евро банкнотите и ги повика граѓаните да учествуваат во јавната консултација, преку која ќе можат да дадат мислење за предложените дизајни.

Јавната анкета ќе биде отворена до 21 септември, а Управниот совет на ЕЦБ се очекува до крајот на годината да го избере конечниот изглед на новата серија банкноти.

Во финалниот избор се најдоа две концепции – „Европска култура“ и „Реки и птици“. Предлозите произлегоа од конкурс на кој учествуваа графички дизајнери од целата Европска Унија, а од повеќе од 1.200 доставени решенија, независно жири ги избра десетте најдобри.

Доколку преовлада темата „Европска култура“, на банкнотите ќе се најдат истакнати личности кои оставиле значаен белег во европската историја. На апоенот од пет евра е предвидена оперската легенда Марија Калас, на десет евра композиторот Лудвиг ван Бетовен, на дваесет евра научничката Марија Кири, на педесет евра писателот Мигел де Сервантес, на сто евра Леонардо да Винчи, а на двесте евра добитничката на Нобеловата награда за мир Берта фон Зутнер.

Втората тема, „Реки и птици“, го става акцентот на европската природа и биолошката разновидност. Секоја банкнота би содржела различен вид птица во природен речен пејзаж, додека на задната страна би биле претставени институции на Европската Унија.

Претседателката на ЕЦБ, Кристин Лагард, истакна дека евро банкнотите не се само платежно средство, туку и симбол на европското единство.

„Евробанкнотите се повеќе од средство за плаќање – тие се еден од највидливите симболи на Европа. Новиот дизајн ќе ја спои естетиката со значењето и ќе придонесе за зајакнување на нашиот заеднички идентитет“, изјави Лагард.

Покрај јавната консултација, ЕЦБ ќе спроведе и истражување меѓу репрезентативен примерок жители на земјите од еврозоната. Добиените резултати ќе бидат еден од критериумите при изборот на победничкиот дизајн.

По донесувањето на конечната одлука ќе следуваат дополнителни тестирања и подготовка за производство, а новите евро банкноти постепено ќе бидат пуштени во оптек во наредните години. Постојната серија ќе остане важечка и ќе продолжи да се користи паралелно со новите банкноти.

Редизајнот претставува прва целосна промена на евро банкнотите од нивното воведување во 2002 година. Од ЕЦБ посочуваат дека новата серија ќе понуди повисоко ниво на заштита од фалсификување, подобра пристапност за лицата со оштетен вид, примена на современи технологии и помало влијание врз животната средина.

Back to top button
Close