Москва тврди дека извршила напад врз предградие на Киев за време на презентација на украински дронови

Руските воени сили извршија напад со повеќе видови оружје врз објект во предградие на Киев, каде што се одржувала демонстрација на беспилотни летала користени за напади врз цивилни објекти во Русија“ – се наведува во соопштението на руското министерство за одбрана, пренесува ТАСС.
При нападот било користено високопрецизно оружје со голем дострел. Според соопштението, во објектот сместен во предградието на украинската престолнина „се одржувала демонстрација на беспилотни летала, вклучувајќи и напредни модели од украинско и странско производство, користени за изведување напади врз цивилни цели на руска територија“.
„Во моментот на ударот, во овој објект беа присутни водечки познавачи и производители на беспилотни летачки апарати, претставници на командата на Силите за беспилотни системи при ВСУ (Вооружените сили на Украина) и на украинските специјални служби, кои директно планираат и реализираат напади врз руска територија“, нагласуваат од руското Министерство.
Претходно украинските власти соопштија дека Русија извршила напад врз полигон во Киевската област, додека таму се одржувал „одреден“ настан. Според нивните податоци, има најмалку десет загинати и околу 100 повредени.
Основачот на украинската компанија за производство на дронови „Ферст контакт“, Валериј Боровик, за украинските медиуми изјави дека ракета погодила учебен полигон каде што имало изложба на одбранбената индустрија. Гувернерот на Киевската област, Руслан Олијник, изјави дека според првичните информации, балистичка ракета погодила приватен полигон каде што во тој момент имало настан.
Украинскиот Совет на одбранбената индустрија соопшти дека ракетниот удар бил извршен во момент кога на полигонот биле собрани вработени во украинскиот воено-индустриски сектор, додавајќи дека Советот не бил организатор на настанот.
Претседателот Володимир Зеленски не објави детали за нападнатиот објект, но посочи дека во моментов се утврдува што точно се случило.
„Во Киевската област е во тек спасувачка операција по рускиот ракетен напад“, напиша Зеленски на социјалната мрежа „Телеграм“.






