Вагнер, Бајројт и задоцнетото соочување со Третиот Рајх

Познато е дека Рихард Вагнер ( 1813-1883) бил фанатичен антисемит, а истото важи и за неговата жена, Козима Вагнер, која по неговата смрт ја продолжува неговата антисемитска пракса во тогашните музички кругови. Секако, познатиот композитор своето уверување не го изразил во оперите, иако и во нив ја култивира митологијата на старите Германи и националната симболика. Но во списите тој јасно го изразува своето антисемитско уверување, како, на пример, во списот, „Еврејството во музиката“ ( Das Judenthum in der Musik ) од 1850, со што овој композитор го внесе антисемитизмот на голема врата во сферата на германската култура.
Рихард Вагнер го основаше прочуениот музички фестивал во Бајројт кој, всушност, служеше на промоцијата на неговото музичко дело. Самиот ја финансираше градбата на прочуената концертна сала на падините на „зелениот рид“ во Бајројт во која од 1876 се одржуваа музичкиот фестивал. Тој и при основачката церемонија во 1876 беше отворен со изведбата на Бетовеновата „9-та симфонија“, од посебен восхит кон прочуениот син на градот Бон, затоа што неговото дело силно го инспирирало. Вагнер беше роден 1813 во Лајпциг.
И оваа година фестивалот во Бајројт беше отворен со Бетовеновата „9-та симфонија“. Меѓутоа, во дните пред свеченото отварање, оваа година се случија многу „чудни“ нешта. За да се разберат, треба да се познава не само антисемитизмот на Вагнер, туку и култното место во нацистичката сценографија кое го добива токму фестивалот во Бајројт. Имено, Адолф Хитлер бил восхитен од овој фестивал и бил негов чест гостин, придружен од целата нацистичка свита, почнувајќи од Гебелс, филозофот. За нацистите Бајројт станал еден вид свето место на ариевската идеологија и германската митологија. Вагнер умира шест години пред раѓањето на Адолф Хитлер во Австрија, а неговата втора жена, Козима Вагнер, вонбрачната ќерка на Франц Лист и на една француска писателка, умира три години пред доаѓањето на нацистите на власт во 1933. По смртта на Вагнер, таа го презема раководството со фестивалот во Бајројт. Иако и таа и Вагнер не го доживеаја Третиот Рајх на Хитлер, како жестоки мразачи на Евреите, обајцата многу рано го посеаја семето на антисемитизмот, од кој Хитлеровата партија потоа направи машинерија на смртта.

Во времето на Третиот Рајх, фестивалот го раководеле синовите на Рихард и Козима Вагнер. Кога по војнaта, во 1951 повторно е отворен музичкиот фестивал во Бајројт, фамилијата Вагнер инсистирала на тоа да се молчи за нивната блискост со Хитлер и со сета нацистичка свита. Љубителите на музиката на Вагнер во сите години во СРГ се придржуваа за тој јавно неизговорен диктат од влијателната музичка династијата Вагнер и никој не го прекрши „заветот на молкот“ за стравотното време во Третиот Рајх и за вмешаноста на Вагнеровци во ариевскиот терор кон Евреите.
Близината на фамилијата Вагнер со нацистите
Меѓутоа, од 2015 уметнички директор на фестивалот е правнуката на Вагнер и на Франц Лист, Катерина, ќерката на неговиот син Волфганг. Нејзе и‘ бил познат „заветот“ на нејзиниот татко и стрико, според кој никогаш не смеело да се зборува за близината на фамилијата Вагнер со нацистите, особено со Хитлер и Гебелс. Така во Бајројт долги години сите ги „гледале“ нивните призраци, но не ги споменувале.
И покрај тоа, Катерина Вагнер во 2012 ја отвори во Бајројт, крај огромната биста на Рихард Вагнер, постојаната изложба под наслов „Занемени гласови“ (Verstummte Stimmen). Во круг околу бистата на Вагнер, на падината на „зелениот рид“, се поставени стели, широки стоечки табли, со фотографијата, името и биографијата на еврејските музичарки и музичари кои во Третиот Рајх не смееја да настапуваат, а најголемиот број од нив беа убиени во логорите на смртта. Оваа година беа обновени таблите, бидејќи беа оштетени од временските прилики, и тоа токму пред отворањето на фестивалот на 25 јули. Во саботата, на денот на отворањето на трајната спомен-поставка со „Занемените гласови“ на еврејските музичари, свечениот говор во нивна чест го одржа Мишел Фридман. Евреин, роден во Париз, чии родители биле на „листата“ на Оскар Шиндлер и така преживеале. Фридман е пораснат во Франкфурт, каде неколкупати го сретнал Шиндлер, и припаѓа на најпознатите личности со еврејско потекло во германската култура. Тој е доктор на правни науки и политичар со посебна полемичка жар кога се работи за соочувањето на германското општество со мрачното минато во Третиот Рајх.

Меѓутоа, иако бил поканет од Катерина Вагнер да одржи почесно слово, кусо пред отварањето на фестивалот добил писмо од неа, во кое му било откажано учеството поради безбедносни причини. Во едно интервју Фридман истакна дека „колегите новинари од Дојче Веле прашале во полицијата дали имало најавени немири во Бајројт, но такво нешто немало.“ Очигледно, и покрај желбата на Катерина Вагнер, токму тој да зборува на свеченото церемонија во Бајројт, некој во советот на фестивалот ја убедил дека е рискантно да се покани Фридман. Затоа што тој е жесток критичар на новите радикални леви и десни партии, но особено на партијата АФД. Пред неколку месеци тој беше поканет на спомен-прослава во еден источногермански град. Потоа неговото учество беше откажано, најверојатно под притисок на тамошниот огранок на АФД. Фридман не дозволил да си „играат“ со него, па отишол „непоканет“, самостојно и го кажал тоа што сакал да го каже и онаму каде што прво бил поканет, па потоа „отканет“.
Меѓутоа, Катерина Вагнер, сепак, се одлучила тој да го одржи почесниот говор затоа што тоа била нејзината првична желба. Имала доволно доблест, со писмо да се извини кај Фридман и да го замоли, сепак, да учествува на фестивалската церемонија со свој говор. Мишел Фридман овие денови беше во фокусот на германскиот печат. Тој изјави дека ја почитувал храброста на Катерина Вагнер да се спротивстави на „премолчениот“ завет на нејзиниот татко и стрико и да побара од него извинување. Го примил извинувањето и се одлучил заедно со неа да постави нов почеток на фестивалот во Бајројт. Особено го восхитила увереноста на Катерина Вагнер дека сите заедно треба да се спротивстават на партиите како АФД и да се обединат во одбраната на демократијата.
Трагичен пораз на хуманоста
Мишел Фридман е вистинската личност за таа задача. Не само затоа што потекнува од фамилија од која нацистите убиле 50 члена. Често истакнува дека неговата биографија се „гробишта“. Денес тој се заложува со сета сила против офанзивата на партиите како АФД кои, всушност, се копија на поранешните нацисти. Но, воопшто, Фридман секогаш наоѓа вистински зборови за да ја изрази опасноста за демократијата во Германија од бранот на омраза кон Евреите, кон мигрантите, кон жените или кон хомосексуалците. Притоа е неверојатно елоквентен, со многу солидно образование. „Сета оваа омраза е омраза кон луѓето воопшто“, истакна тој и во својот говор во Бајројт. „Диктатурата не го понижува човекот, туку таа воопшто не го регистрира, небаре тој да не постои. Затоа мораме ние, уверените демократи, да го кренеме гласот“, апелираше Фридман.

Само мало мнозинство досега навистина го сфатило сериозно критичкото соочување со минатото, но најголемиот дел сакал и понатаму да верува во своите илузии, со горчина рече Фридман. Всушност, тоа е трагичен пораз на хуманоста, бидејќи Германија беше досега најдобриот пример како едно општество се соочува со своето мрачно минато.Секако, тоа важеше само за западното германско општество, додека во бившата ДДР нацистичката идеологија веднаш се скри зад параванот на комунизмот. Одеднаш, во ДДР сите беа отсекогаш комунисти, а божем сите нацисти беа останале во Западна Германија. Токму со оглед на големите симпатии за АФД кај источните Германци, иако оваа пртија отворено кокетира со Хитлеровата антисемитска и нехумана идеологија, Фридман истакна дека досега Германците недоволно се бореа со нацизмот и дека сега се наоѓаат среде борбата против новиот нацизам. „Во германските домови по војната беа многу барани молерите, зашто тие брзо ја „белосуваа” кафејавата флека, кога таа ненадејно ќе се појавеше на домашните тапети. Само за да не се види дека под нив уште се кафејавите”, потсети тој. Секако, сите го знаеме овој феномен во германските фамилии. „Кафејавите” се нарекуваат во германскиот жаргон нацистите, затоа што нивната униформа беше кафејава. „И во Бајројт беше постојано потребен градинар, за да ја негува тревата врз “Зелениот рид” и да не се појави кафејавата земја под неа”, иронизираше Фридман.
Со храброста на Катерина Вагнер да го прекине молкот на татка си и стрико си за поврзаноста на Вагнеровци со старите нацисти, таа, всушност, се спротивстави и на новите нацисти и најави жестока борба против нив. На отворањето на фестивалот во петокот, на дефилето на политичката елита, таа и Мишел Фридман, потомокот на Евреите кои Хитлер ги гонеше, заедно ги поздравуваа гостите, почнувајќи од канцеларот Мерц или поранешната канцеларка Меркел. На 150-годишниот јубилеј на фестивалот во Бајројт, Фридман ја повика сета германска културна и политичка јавност: „Што треба уште да се случи, за да почнеме лично, секој од нас, да ја браниме демократијата?” Бидејќи „омразата кон Евреите” е термометарот за демократијата во едно општество, заклучи тој. (ДВ)






