Измамник роден во Германија ќе биде депортиран во Македонија
Лице, родено и израснато во Германија, a со македонско потекло, осудено на повеќегодишна затворска казна поради измами, немаше успех со својата тужба против депортација. Управниот суд во Аугсбург одлучи дека лицето може да биде депортирано во Северна Македонија, иако е родено и израснато во Германија. Според податоците на службата за странци, неговата земја на потекло е С. Македонија.

Тужителот во 2019 година се приклучил на странска криминална група која измамувала постари лица преку таканаречени „шок-повици“. Лицата што се јавувале телефонски се претставувале како полицајци и со измислена приказна успевале да ги натераат исплашените пензионери да му предадат на курир пари и вредни предмети. Во рок од само неколку недели, групата на овој начин измамила дванаесет постари лица за речиси еден милион евра.
Тужителот притоа дејствувал како курир, го пренесувал пленот во странство и добивал по 1.500 евра за секој случај на измама. Поради организирана измама извршена во рамки на криминална група, тој сега издржува затворска казна од шест години и девет месеци.
Депортацијата треба да ги одврати и потенцијалните имитатори
Поради пресудата, службата за странци наложила депортација на мажот.
„Управниот суд ја потврди одлуката имајќи ја предвид тежината на кривичните дела, високата материјална штета, извршувањето на делата со искористување на стравот кај постарите лица и нарушувањето на нивната доверба во полицијата“, изјави портпарол на судот.
Според судот, протерувањето е оправдано и како мерка за одвраќање на потенцијални идни сторители на слични кривични дела.
Пресудата сè уште не е правосилна. Тужителот може да поднесе барање за дозвола за жалба до Баварскиот Виш управен суд во Минхен. (dw)






