Руската војска употребила севернокорејска ракета во нападот врз Криви Рог

Руската војска употребила севернокорејска ракета во синоќешниот напад врз Криви Рог, родниот град на украинскиот претседател Володимир Зеленски, јавија денеска светските агенции повикувајќи се на свои извори.

Русија и претходно користеше ракети испорачани од Пјонгјанг против украински цели, но распоредувањето на овој вид оружје за бомбардирање на Криви Рог сугерира дека дошло до обновување на резервите со руска муниција, изјави неименуван воен извор.

Според тој воен извор, последното лансирање на севернокорејска ракета против Украина било регистрирано на 8 август 2025 година.

Руските сили почнаа да ги користат балистичките ракети со краток дострел KN-23 и KN-24 од севернокорејско производство кон крајот на 2023 година.

И украинскиот претседател Володимир Зеленски на социјалните мрежи напиша дека Русите најверојатно користеле ракета од Северна Кореја за прв пат по долго време. Тој нагласи дека се работи за прелиминарните податоци и оти истрагата е во тек.

– Секако, денеска многумина во светот го осудија овој напад. Имаше многу сочувство за загубата на луѓе. Европските земји реагираа и поради руската ракета што падна на територијата на Полска и експлодираше некаде на поле во близина на Лублин. Сè уште е најважно не само сочувство и не само осуда, туку ракети за ПВО и токму таков притисок врз Русија што може да ја запре оваа глупава руска војна, сите нивни напади и терор – изјави Зеленски во видео објавено на социјалните мрежи.

Back to top button
Close