МНОГУ ПРЕДИЗВИЦИ ПРЕД МАКЕДОНСКАТА НАЦИЈА

м-р Глигор Стоименов

Почитувани, многу предизвици и премрежија некако демнат пред Македонската нација во време на оваа “луда“ политика!!

Зошто луда?? Па луда е насекаде во светот а богами луда и кај нас!

Но ајде да видиме како е кај нас?

Ја знаете онаа позната мисла на еден научник дека лудост е она кога правите исти работи цело време а очекувате различен резултат!!

Во скоро сите досегашни истражувања на јавното мислење овде кај нас генерално поддршката меѓу граѓаните за интеграција на државата во ЕУ е се уште доста голема, некаде околу 80%!! Верувам дека така и ќе продолжи! Пред околу две години се појавија одредени истражувања од страна на некои агенции на Евростат кои што го анализираа степенот на интелигенција и степенот на развој на нациите во регионот!! Да, точно е бевме последни во регионот според тие анализи, како и обично во се друго, но сепак не се сложувам во целост со тоа!! Ние не сме “глупави“ како што тоа го мисли нашата официјалната политика! Ни соопштија дека сме трета економија во Европа а фактите и економските параметри зборуваат дека сме последни во регионот. Тоа го потврди истиот тој Евростат! Тоа нашата нација веќе го чувствува, пари нема!! Па зар не е ова луда политика? Ви кажуваат дека сте трети во Европа а вие се чувствувате како последни??

Македонското правосудство е изгазено до земја како никогаш до сега. Никогаш во својата историја судиите, обвинителите, адвокатите и сите оние кои припаѓаат на оваа фела не биле повеќе понижени. Премиерот им вели “нема да Ви дадам пари додека не испорачате тоа што јас го барам“!! Уште им се заканува дека ќе ги следел нивните постапки и одлуки кои ги носат?? Ова никогаш не се случило до сега, ама сите молчат!! Имате државен Јавен обвинител кој дојде со пристојна биографија, му се јавија два три пати да му кажат што да прави и сега не знае кај се наоѓа, просто не може да го препознаете, како за на бајачка е?? Оваа ситуација е сериозен предизвик за македонското правосудство!!

Да, точно е, нашиот народ сака да има подобри услови за живот, подобра плата, подобро здравство, подобро образование, поефикасни институции, јавен превоз, подобра иднина за себе и своите деца итн. Всушност народот знае дека тоа би можело значително да се подобри во рамките на наша интеграција во ЕУ. Така покажуваат анализите од истражувањата на јавното мислење!! Од друга страна народот не сака да прифати да го направи тоа што мора да го направи за да стигне таму кај што посакува!! Има нешто чудно а можеби и “лудо“ во сето ова? Некој можеби ќе рече, ама не е виновен народот туку политиката е виновна, “така не лажат политичарите“!! Но знаете и оваа теза сум ја слушал многу пати до сега но никогаш не сум се согласувал со тоа. Нација која не може да се издигне над силната пропаганда на политиката и да размислува потполно слободно со своја глава, нација која не може да разбере дека се зависи од одлуките кои самите си ги носиме, дека ништо лошо нас не може да ни направи некој од страна (сами си правиме), дека никој нема омраза кон нас како македонска нација, таа нација која не може да го прифати ова тешко дека ќе види просперитет и напредок!!

Ова е сериозен предизвик пред нацијата која мора да го согледа ова!!

По затворањето на спорот со Бугарија во 2022 и усвојувањето на Францускиот предлог и Преговарачката рамка со ЕУ при што ни се отворија широко вратите да ги започнеме преговорите со ЕУ ние сега веројатно ќе бевме заедно со Црна гора и Албанија среќни во оној “супер вторник“! Но ние само ја дочекавме тажни наредната среда!! Па од кого зависеше сето ова? Кој се самоблокира четири години?? Па ние самите!! Зар нема нешто лудо во сето ова?? Не, ние си седевме дома и го чувавме идентитетот за некој да не помисли да ни го земе!!

Официјалната политика на владејачката партија во однос на ова прашање се темели на една многу едноставна и проста теза, “џабе ќе правиме уставни измени кога Бугарија пак ќе не блокира кога и да сака!! Ова е едноставно и лудо, можеби и глупаво, ама “лепи“ меѓу народот!! Добро тука се и барањата за гаранции за кои што сите челници од ЕУ се изјаснија дека не постојат ама овие нашиве упорно запнале гаранции па гаранции!! Сега се поставува прашањето ако барате нешто од Брисел што би требало да Ви го дадат, а тие истите Ви велат дека тоа не постои, дали е тоа луда политика или што ли е??

Од 1957 година па до сега, од основањето на Европската заедница за јаглен и челик, денешната ЕУ, на ниту една земја не и биле дадени “гаранции за предвидливост на процесот“!! Нашиве таленти го патентираа овој изум, “гаранции за предвидливост на процесот“!! Па сега го гледам надграден и проширен овој процес со нови креативни “изуми“, замислете не било никаде во Преговарачката рамка запишано ниту експлицитно ниту имплицитно времето (моментот) на стапување во сила на уставните измени кои би требало да ги изгласаме и усвоиме“!! Значи можело и со одложено дејство?

Па и јас би сакал така ама не може! Па кој не би сакал така да можело да биде, (со одложено дејство) ама не може! Тоа го баравме и во 2022 година. Во Преговарачката рамка е јасно и недвосмислено наведено кога и како ќе ги започнеме преговорите и под кои услови и не знам што е тоа што не и е јасно на претседателката? Не било експлицитно наведено?? Ајде бре молим те!! Така мислела претседателката Силјановска ни рече министерот за надворешни работи и тој се согласил со тоа! Го слушам сега и премиерот го кажува ова исто!! Па истата претседателка една година зборуваше дека Преспанскиот договор бил потпишан од неовластено лице (министер за надворешни работи) да, истата таа претседателка!! Сега некој со право ќе праша па зар претседателката не знае, па таа е универзитетски професор?? Да точно е, претседателката оваа материја не ја разбира добро и не знае!! Но добро и министерот за надворешни работи е професор па слабо ја разбира оваа материја, исто како и претседателката Силјановска! Тоа не е толку страшно тие не се експерти за таа област и донекаде е разбирливо но треба да ги консултираат оние кои разбираат! Вака само тераат политика и прават забуна кај граѓаните! За премиерот не зборувам затоа што тој е експерт во друга област и за ова па ептен ништо не му е јасно, како што и мене не ми е јасно за машински елементи, запчаници, хидродинамика, термодинамика итн.

Но ова се прашања кои се голем предизвик за македонската нација? Голем предизвик пред сите нас е кога оние кои се најповикани и должни да се држат до науката и правото Ви продаваат политика! Како да го надминеме ова?? Затоа сме таму кај што сме како држава!! Да бидам искрен не ми е јасно како голем дел од народот прифаќа да живее со овие манипулации и да верува на овие приказни?? Ете тоа не ми е јасно!

Сега гледам овие денови повторно се навртеа “ојлевци“ и “дојлевци“ околу протоколите, како што би рекол оној несреќен министер за здравство, “Јавачи на протоколите“! Абе кој све не стигна да ги толкува протоколите од Преговарачката рамка и да ни кажува дали се или не се дел од рамката!! Веќе пишував за ова и преку глава ми дојде од оваа “епидемија на незнаење“ и импровизации!! Имено, прашањето дали протоколите се дел од Преговарачката рамка е во основа погрешно. Тоа прашање не се поставува така. Кога ќе се постави така погрешно прашање после ќе се налепат и погрешни толкувања и интерпретации. Преговарачката рамка е составена од два дела, (два столба), општ дел и посебен (специјален) дел. Така било за сите држави па така е и за нас. Протоколите, односно вториот протокол околу кој се дигна највеќе прашина секако дека не може да бида дел од Преговарачката рамка во нејзиниот втор (посебен дел) каде што се предвидени преговорите по кластери и поглавја. Протоколите, односно вториот протокол се реферира и се однесува само на допрецизирање и усогласување на оној прв (општ) дел од Преговарачката рамка каде што се наведени Копенхашките критериуми и нивното исполнување, (Преспанскиот договор и Договорот за добрососедство). Секако дека овие протоколи важат затоа што таму стојат потписите на двајцата министри за надворешни работи и тие генерално претставуваат дел од Преговарачката рамка во целина но не може никако да имаат влијание кај вториот дел од Преговарачката рамка, односно кај преговорите по кластери и поглавја. Токму затоа велиме дека тој всушност и не е дел од Преговарачката рамка. Јас искрено не разбирам зошто се прави чудовиште од вториот протокол. Тој со ништо не отстапува и не ја проширува Преговарачката рамка. Суштината е во тоа што со вториот протокол и обврските кои ги имаме таму не може да се влијае или да се стави блокада врз тематските преговори. Може Бугарија да го злоупотреби своето право на вето во секоја ситуација, ама тоа е претпоставка! Може и секоја членка впрочем!

Ратификацијата на протоколите во Собранието во овој случај воопшто не била потребна. Во меѓународното договорно право потписот на министерот за надворешни работи како овластено лице му дава полна правна сила на тој договор (протокол). Значи правната сила доаѓа од потписот на министерот. Дај нека го научат тоа еднаш. Меѓународните договори ја црпат својата правна сила согласно три основни принципи и правила, преку ратификација, преку потпис, но може и без потпис и без ратификација договорите да бидат правно валидни до колку страните јасно и недвосмислено ги практикуваат одредбите од самиот договор. Научете го ова еднаш, па не сум го измислил јас тоа, такви се правните правила, преку глава ми дојдоа со тоа ратификација па ратификација!!

Но како и да е, ова се исто така големи предизвици кои треба и мора да ги надмине Македонската нација!!

Но, почитувани и покрај тоа што страници и страници напишавме околу ова прашање, пред се аргументирано и со факти, иако мислам дека докажавме дека нема никаква опасност по нашиот идентитет до колку ги направиме уставните измени, дека нема силни механизми другата страна (Бугарија) да не блокира во преговарачкиот процес, за жал не добивме од другата страна (владата) силни аргументи дека ова не е точно. Сите аргументи и објаснувања од другата страна водат кон една единствена теза и претпоставка, “џабе се уставните измени кога пак ќе ни стават вето“!! Значи ние врз основа на политика на претпоставки не сакаме да направиме одлучен чекор во функција на нашите стратешки цели и интереси, членство во ЕУ!!

Па до кога со оваа “ Баба Ванѓа“ политика“??

За да објасните некоја работа можеби е најдобро да се обидете да ја анализирате од аспект на тоа како тој со кој не се согласувате ги гледа работите.

Ајде да тргнеме по ред!!

Еве да претпоставиме дека овие тези на владејачките партии се точни и за момент да се согласиме со тоа!! Значи да се согласиме дека по донесувањето на уставните измени и отворање на преговорите Бугарија повторно ќе не блокира, односно ќе ни стави вето!!

Овде треба да се постави клучното прашање до Македонската нација кое никој не го поставува и никој не размислува околу тоа!!!

Па и до колку се оствари во целост ова сценарио на блокада од страна на Република Бугарија по започнувањето на преговорите и внесување на Бугарите во Уставот, дали и таа ситуација е далеку поповолна за нас од колку оваа ситуација во која се наоѓаме сега, ситуација на статус кво, нигде за никаде!! Односно, дали и во таква ситуација на блокада за нас ќе биде подобро или полошо од сега?? Ајде да се запрашаме, што добиваме а што губиме со почеток на преговорите дури и по евентуална блокада?? Ова прашање не е тешко да се одговори, но некој сака да ја прави “недоветна“ Македонската нација!!

 

Кои се добрите страни на оаа претпоставена ситуација?

Еве да претпоставиме дека сме ги изгласале уставните измени!! Веднаш согласно Преговарачката рамка ќе ги отвориме поглавјата во рамките на тематските кластери и ќе започнат преговорите и за ова не треба посебна конференција или одобрување од страна на Советот на ЕУ!! Да претпоставиме дека по извесно време еве да речеме (една година) Бугарија повторно ќе ни стави вето, односно ќе интервенира до Европската комисија кај некое отворено поглавје и ќе не запре поради некои прашања во историската комисија како што вели владината пропаганда!! Иако ова е тешко изводливо дури и невозможно да го направи Бугарија согласно механизмите и правилата на преговарање по кластери, еве ќе се согласиме дека го направиле тоа кршејќи ги сите правни правила и методологијата на преговори!!

Што ќе се случи по нас?? Што ние ќе загубиме? Па ништо нема да загубиме!! Дури и во овој случај само ќе добиеме, ништо нема да загубиме! Добро, еве ќе запрат преговорите, што ќе се случи друго?? Притисокот веќе нема да биде насочен кон нас туку кон другата страна (Бугарија) затоа што ги крши основните правила околу преговорите (преседан) и ја злоупотребува својата позиција на земја членка. Воедно ќе биде виновна затоа што го прекршила тоа на што се обврзала во Преговарачката рамка!! Но во текот на таа година од започнување на преговорите многу структурни фондови ќе бидат отворени и значителни финансии ќе дојдат во нашата земја. Ќе се зголеми оптимизмот и ние ќе бидеме конструктивната страна која недвосмислено ќе покаже дека и покрај цената која ја плативме силно сакаме да бидеме полноправна членка на ЕУ. Другата страна (Бугарија) во овој случај ќе биде под голем притисок затоа што таа нема во рацете редовен механизам (алатки) за да не блокира, освен злоупотреба на своето право на вето!!

Која е загубата и кои се лошите страни за нас во оваа претпоставена ситуација??

Па едноставно ништо нема да загубиме!! Постои некој ирационален страв кој е составен дел исто така на официјалната пропаганда. Имено, тезата оди во таа насока дека кога ќе сме ги ставеле Бугарите во устав тие ќе барале многу други работи да им дадеме?? Кои работи бреее?? Па официјално согласно бројките од пописот има само околу 3000 граѓани кои се изјасниле за припадници на Бугарската заедница. Пописот е официјална бројка за секоја држава кога се прави или спроведува некоја малцинска политика со делегирање на одредени права за истите малцинства. Бројката од пописот е таа што е официјална и не знам од каде е стравот на Македонците дека некој нешто ќе им земе или побара повеќе од што треба надвор од малцинските стандарди усвоени во рамките на политиката на ЕУ. Тоа што одредени размислувања одат во таа насока дека имаме повеќе од 200 илјади Македонци со бугарски пасош па сега врз основа на тоа ќе се барале посебни права е исто така погрешна теза и дел на пропаганда и заплашување на Македонците. Бројот на граѓани со бугарски пасош (државјанство) не е точно утврден, можеби е поголем а можеби и помал од 200 илјади, значи сепак се движи во рамките на шпекулации!!

Како прво државјанството (пасош) претставува правна врска меѓу граѓанинот и државата. Со добивањето на државјанство вие сте носител на права и обврски кон таа држава. Нашиот закон за државјанство дозволува да се стекнете со државјанство и на друга држава, (бипатрид), тука нема ништо спорно и незаконито. Но без разлика дали поседувате државјанство (пасош) на друга држава, секој има право да се изјасни во однос на својата национална припадност како што се чувствува. Тука нема ништо спорно. Значи официјалната бројка на припадници на Бугарската заедница во Македонија е таа што е на пописот, друга нема. Бројката на граѓани што поседуваат бугарско државјанство (пасош) е неофицијална и како таква таа не може да биде земена во предвид околу водење или стекнување на некои “проширени“ малцински права, меродавни се само официјалните бројки од пописот. Токму затоа овој страв е сосема неоправдан и во основа ирационален, тој служи само за манипулација на луѓето и ништо друго. Затоа сум убеден дека нема никаква основа за страв меѓу Македонците дека со внесување на Бугарската заедница во Уставот ќе имало некои посебни барања кои би биле на штета на државата!! Тоа е апсурдна теза!! Но исто така и предизвик пред нацијата да го надмине овој ирационален страв!

 

До ден денес не ми е јасно како некои политички “лејки“ не можат да ја разберат суштината и смислата на Францускиот предлог и компромисот во Преговарачката рамка. Внесувањето на Бугарската заедница беше само компромис кој мораше да го направиме пред се поради силниот притисок од страна на меѓународната заедница посебно насочен кон Бугарската страна за да се откаже од своите барања во декларацијата што ја изгласаа во парламентот. Не знам како тоа не можат да го разберат. Оваа преговарачка рамка и овој компромис беше во тоа време единственото можно и најбезболно решение кое мораше и требаше да го направиме!! Решение кое е добро за нас и кое до сега требаше да го спроведеме!! Нема никаква опасност по нас и нашиот идентитет со овој компромис околу внесување на Бугарите во Устав!! Ако има нека ни кажат талентиве која е таа опасност, нека вреснат силно да ги слушнеме!!

Македонската нација мора да се разбуди. Нема никој друг да ни ги реши проблемите и предизвиците освен ние самите. Со оваа актуелна политика нема просперитет!! Веќе е јасно како бел ден дека оваа политичка гарнитура која сега владее со државата нема воопшто интерес да направи било каков исчекор кон ЕУ. Они се убедени дека до колку ги направат уставните измени ќе им падне поддршката кај народот. Исто така се убедени дека со губење на таа поддршка од народот ќе ги загубат и наредните изборите. Нив ги интересира само тоа како да бидат власт, друго ништо. Тоа е тој ментален склоп кај тие луѓе кој јас го познавам и знам до кај “добацуваат“! Така било секогаш и така ќе остане. Ниту една жртва за иднината на Македонија владејачката партија до сега нема дадено. Ниту помислува да даде!!

Вториот момент или причина зошто нема да направат ништо по однос на ова прашање е нивната силна врска со “српскиот свет“ и таа авторитарна матрица која им е во главите. Тие сакаат да бидат такви како нив!! Тие се убедени дека само така и никако поинаку со една силна мобилизација и потценување на граѓаните со наплив од лажен патриотизам ќе ја држат власта долго во свои раце!! За нив партијата е се а ЕУ е нешто како нужно зло и воопшто не мислат дека тоа им треба, напротив убедени се дека не им треба!! Но тоа не е политика во интерес на Македонија, тоа не е македонска политика!! Тоа е нешто друго!! Македонија е сепак едно сложено општество со кое треба многу внимателно да се балансира и владее инаку може за миг се да се растури!!

 

За жал почитувани повторно овде се потсетувам на муабетот и советот кој ми го даде поранешниот градоначалник на Белград, тој ми вели вака, “Знаеш само оној кој нема добро да го потцени народот и ќе му даде многу слобода да мисли, тој ќе се заебе“! Како поминува времето гледам дека имало многу вистина во ова!

Нека ни биде среќен претстојниот голем празник, 2 Август, Илинден, за многу години!!

 

 

Back to top button
Close