Нови евакуации во западниот дел на областа Атика, поширокиот регион на Атина поради големиот пожар

Пораки за евакуација од бројот 112 за итни случаи добија попладнево жителите и оние кои се наоѓаат во седум населени места и околината на индустриската зона на предградието Мегара во западниот дел на областа Атика, поширокиот дел на Атина, поради големиот пожар, што во текот на денешниот ден одново се интензивираше, а гаснењето продолжува веќе четврти ден, јави дописничката на МИА од Атина.

Во пожарот продолжуваат да интервенираат речиси 500 пожарникари, а со оглед на тоа што денеска беше намален интензитетот на ветерот, се гаснеше и од воздух, но и покрај тоа сè уште е вон контрола.

 

Во попладневните часови имаше нови разгорувања на жариштата, огнената стихија се доближи до населени места, затоа беа испратени и пораките за евакуација и според неофицијалните информации изгореа куќи, меѓутоа штетата дополнително ќе се проценува, откако ќе биде локализиран.

 

Од Здружението на пожарникари за шумски операции на Грција, преку соопштение информираа дека пожарникари од една од специјалните единици за шумски операции, кога се вратиле од гаснењето на пожарот во западниот дел на областа Атика, на паркингот во рамките на службата, ги нашле нивните автомобили провалени и со материјална штета, а на некои дури им биле украдени и тркалата.

– Несфатливо е колегите кои со денови пожртвувано интервенираат за заштита на животите, на имотите и природното богатство на земјата, при враќањето во нивната служба да ја затекнат сопствената имотна состојба ограбена, соопштија од Здружението, објавувајќи фотографии од оштетените возила.

Паралелно побараа итно преземање мерки за безбедност на објектите, заштита на имотот на пожарникарите и целосно подобрување на инфраструктурата на конкретната служба што се наоѓа во западниот дел на областа Атика.

Back to top button
Close