Институтот „Роберт Кох“ ги ревидираше податоците: Речиси 12.000 починати од екстремните горештини во Германија

Германскиот институт за јавно здравје „Роберт Кох“ ја зголеми проценката за бројот на смртни случаи поврзани со екстремните горештини оваа година на приближно 11.900.

Според ревидираните податоци, околу 9.600 смртни случаи се поврзуваат со топлотниот бран во периодот од 22 до 28 јуни, кога температурите во многу делови од Германија достигнаа речиси 40 Целзиусови степени.

Претходната проценка за истиот период изнесуваше нешто повеќе од 5.000 случаи.

Институтот наведува дека новите проценки се засноваат на покомплетни податоци за смртноста добиени од Федералниот завод за статистика и информации од 52 метеоролошки станици на Германската метеоролошка служба.

Најголем дел од починатите се лица на возраст од 85 години и повеќе.

Од „Роберт Кох“ посочуваат дека смртноста поврзана со жештините значително се зголемува кога просечната неделна температура ќе надмине 20 степени Целзиусови. Во последната недела од јуни просечната температура во Германија изнесувала 26,4 степени.

Back to top button
Close