Уапсен поранешен гувернер на мексиканска држава поради случајот со исчезнувањето на 43 студенти

Поранешниот гувернер на мексиканската сојузна држава Гереро, Анхел Агире, е уапсен поради сомнение дека наредил уништување докази што можеле да помогнат во истрагата по случајот со исчезнувањето на 43 студенти од учителската школа Ајоцинaпа во 2014 година.

Агире кој претходно негираше каква било вмешаност, е осомничен за попречување на правдата и присилно исчезнување, изјави државната обвинителка, Ернестина Годој.

Случајот со исчезнувањето на 43-те студенти се смета за едно од најтешките кршења на човековите права во поновата историја на Мексико. Наодите од спроведените меѓународни истраги укажуваат дека студентите кои патувале кон Мексико Сити за учество на протест биле убиени од припадници на организирани криминални групи, а во случајот имало и вмешаност на полицијата.

Досега се идентификувани посмртни останки на тројца студенти, додека потрагата по останатите продолжува.

Според Обвинителството во Мексико Сити, новите сведоштва собрани во јануари и мај годинава, меѓу кои и исказ на заштитен сведок, укажуваат дека Агире на состанок со високи функционери од неговата администрација наводно наредил уништување докази поврзани со случајот ноќта кога исчезнаа студентите.

Годој изјави дека властите првично тврделе дека не постојат снимки од безбедносни камери на кои се гледаат студентите во автобуси во близина на административна зграда на Гереро. Сепак, годинава се појавил сведок кој, според нејзините зборови, претходно молчел поради закани.

Анхела Буитраго, членка на независна експертска група што го истражувала случајот, изјави дека новите докази го потврдуваат претходниот заклучок за вмешаност на државни структури во прикривање на случајот.

Според неа, снимката за која се тврди дека било наредено да биде уништена можела да помогне во пронаоѓањето на исчезнатите студенти.

Back to top button
Close