Интервју за историја на Трајан Гоцевски
Денко Малески
Зад вообичаената мантра како „Македонија ја стекна својата независност на мирен начин“, стојат бројни опасни настани како оној за кој сведочи првиот цивилен министер за одбрана Трајан Гоцевски.

Интервјуто на Гоцевски со Сеад Ризвановиќ од телевизија „24 “ е за историја. Ососбено неговиот прв дел. Гоцевски раскажува за настанот кој му претрходел на потпишувањето на договорот помеѓу претседателот Глигоров и началникот на генералштабот на ЈНА и в.д министер за војска на Југославија Благоје Аџиќ, за повлекување на ЈНА од Македонија. Аџиќ е веќе во домот на ЈНА на чиј покрив се поставени снајперисти и се наоѓа на само педесетина метри од собранието каде што е канцеларијата на претседателот на републиката. Кога Глигоров му вели на Гоцевски да отшетаат до домот на ЈНА за да се поздрават со Аџиќ на 21 февруари 1992, пред официјалните разговори во „вила Водно“ закажани за 11, не знаел пред какво искушение ќе се најде.
Како во некаква страшна филмска сцена, група од 40 вооружени војници со автмати во рацете ги опколиле и почнеле да ги туркаат претседателот и Гоцевски кон влезот и угоре по скалите. Како разбирам, Глигоров молчел и не протестирал, но Гоцевски побарал малку обзири и внимание кон годините на претседателот. Одговорот бил само „по некоја псовка“. Не втерааа во домот на ЈНА, „да не речам како што“, вели Гоцевски и „ само што уште не ни ставија лисици на рацете“. Додава:„Силата е страшна работа“.
Се обидел да закочи и да даде простор за претседателот кој одел пред него, но бил удиран со кратките автомати кои војниците ги држеле во раце, со закана дека ако продолжи да кочи „тука ќе останеш“. Се обидел да им укаже дека, сепак, се работи за шеф на држава, на што одговорот била: „Ма каков шеф на држава“.
Ги убуткале во собата во која веќе седел Аџиќ во војничка униформа со сјајни еполети кои бодат очи, кој му се обраќа на македонскиот претседател со зборовите: „Ти Киро забораваш многу работи, педесет години јадеше наш леб во Белград и ти беше добро…“. Потоа му вели дека е дојден да го уапси сепаратистичкото раководство во Македонија. Гоцевски го потестува дека имаат закажано разговори за повлекување на ЈНА во 11 часот, а одговорот на Аџиќ е: „Ти да молчиш, нема иселување на армијата“. Следат закани дека авијацијата ќе го срамни Скопје со земја почнувајќи од претседателската резиденција… Во текот на еден час, претседателот и неговиот соработник се изложени на навреди, на кои Глигоров одговарал смирено, како што само тој знаеше.
И покрај овој обид за заплашување, званините разговори почнуваат во закажаното време. Разговорите се одвиваат до 5 попладнето. Во меѓувреме , на ручек, со вино по војла на Аџиќ, тој оменкнува и вели: „Дајте тај папир да потпишем“. Аџиќ бара договорот да оди „во фрижидер“со закана дека ако се постапи поинаку ќе ја крене авијацијата и ќе го бомбардира Скопје.По неговото заминување, западните дипломати инсистираат договорот веднаш да се обзнани. Со едно пријателско соопштение од кое се изоставени навредите, „глупостите“, како вели Гоцевски, договорот се објавува пред да слета авионот на Аџиќ во Белград.
Светот е информиран за постигнатиот договор за повекување на ЈНА од Македонија. За настанот дознав дури сега од интервјуто на првиот цивилен министер за одбрана. Се прашав од каде храброста на првиот претседател на Македонија, после таква демонстрација на заплашувачка и заканувачка сила, да не се откаже од намерата да продолжат официјалните преговори со Аџиќ, за повлекување на ЈНА од Македонија? Размислувам. Глигоров кој живееше во Белгард, лично ги познаваше луѓето со кои некогаш соработувал во федерацијата, а сега преговараше за мирно раздружување на републиката. Него не можеа да го заслепат сјајните жолти еполети на долгогодишниот познаник Аџиќ, ниту да го заплашат неговите војници.
Некој новајлија во политиката, верувам, смртно би се исплашил и прашање е како би реагирал. Конечно, од кажувањата на Гоцевски разбираме и тоа дека шефот на генералштабот на македонската војска одбил да ги придружува претседателот и министерот и да му се спротистави на својот претпоставен од годините на ЈНА кои завршуваа. Храброста е производ и на аналитичкиот ум на Глигоров кој му кажуваше дека процесите на дисолуција на федерацијата се неповратни а неговиот став за иден сојуз на суверен држави, поддржан од големите сили и потпишан како финален документ на Конференцијата за Југославија од сите претседатели освен Милошевиќ, му создаваше простор успешно да маневрира помеѓу сецесионистичките политики на Хрватска и Словенија и унитаристичката на Србија. И трето, но не најмалку важно, сила му даваше фактот дека Македонија беше најконструктивниот фактор на Конференцијата за Југославија која претходниот месец (во јануари 1992) го објави правното мислење на на Арбитражната комисија на Бадантер.
Во документот беше констатирано дека дека Југославија е во процес на дисолуција и дека Македонија и Словенија се првите републики кои треба да бидат признаени за суверени држави од страна на ЕЗ. Сето ова, несомнено, го знаеше и генералот Аџиќ кој, откога не му успеал блефот со демонстрација на сила кон претседателот и неговиот министер, решил да го потпише договорот.
А дека беа тоа страшни времиња, особено за оние кои носеа политички одлуки – беа. Му верувам на Гоцевски кога вели дека сеуште ја сонува собата во која тој, со претседателот Глигоров биле насилно трурнати. Не е се така зашеќерено како во спотот со кој се обележува 35 годишнитата од нашата независнот. не е доволно само да се повторува една реченица од видео-клипот на првиот претседател на Македонија: „Да ви ја честитам…“со шишето шампањ во рацете на премиерот. Треба по нешто да се знае за она што навистина се случувало зад завесата.






