Висок ризик од пожари во Грција: Халкидики и Света Гора под засилена готовност

Грција денеска останува во висок степен на готовност поради опасноста од шумски пожари, додека земјата го одбележува празникот Успение на Пресвета Богородица, еден од најфреквентните периоди за патувања во текот на летото.
Грчката цивилна заштита прогласи зголемена подготвеност во Атика, делови од Пелопонез, Централна Грција, островите во Егејското Море, Крит, Халкидики, Света Гора и делови од северна Грција поради многу високата опасност од пожари.
Силните северни ветрови, кои во делови од Егејското Море достигнуваат и до девет бофори, се очекува да продолжат во текот на викендот. Итните служби, регионалните власти и општините се во состојба на подготвеност за брза реакција во случај на избувнување пожар.
Пожарникарите спроведуваат заеднички патроли на теренот, додека од воздух состојбата се следи со дронови и летала. Надлежните разгледуваат и превентивни мерки, меѓу кои ограничување на пристапот со возила до шуми, национални паркови и други подрачја со висок ризик од пожари.
Властите ги повикаа граѓаните и туристите да избегнуваат активности со кои би можеле ненамерно да предизвикаат пожар. Се апелира да не се пали сува вегетација, да не се користат алати што создаваат искри, да се избегнува палење оган на отворено и внимателно да се фрлаат цигарите.
Силниот ветер предизвикува проблеми и во поморскиот сообраќај. Забраната за пловидба во текот на утрото остана во сила на пристаништата Рафина и Лаврио до 13 часот, додека пристаништето во Пиреја остана отворено. Сепак, откажувања и промени во распоредот на пловидбата продолжија и на главното атинско пристаниште.
Според Комитетот за процена на ризикот, силните до бурни ветрови ќе продолжат и во недела, особено во источните и јужните делови на Грција, а нивното заслабнување се очекува во текот на неделното попладне.
Извор: skopje1.mk






