Серија престрелки во САД: Пет лица загинаа, осомничениот пронајден мртов

Пет лица се убиени во серија престрелки во округот Мисоки во американската сојузна држава Мичиген, а осомничениот за нападите е пронајден мртов по голема полициска потрага, соопштија локалните власти.

Полицијата нешто пред пладне, по локално време, реагирала на пријава за пукање во куќа во округот Мисоки, на околу 270 километри северозападно од Детроит.

На местото на првиот настан биле пронајдени три мртви лица, додека уште едно лице во критична состојба било пренесено во болница. Осомничениот, 39-годишниот Чед Хикман, побегнал пред пристигнувањето на полицијата.

За време на потрагата по него, полицајците во друга куќа пронашле уште едно безживотно тело.

Полицијата преку социјалните мрежи предупредила дека Хикман е вооружен и опасен и ги повикала граѓаните да не му се приближуваат и да ги избегнуваат подрачјата каде што се случиле престрелките.

Неговото возило подоцна било пронајдено во шумско подрачје во близина на езерото Витлок. Таму полицајците го пронашле телото на осомничениот, како и телото на уште едно лице, со што бројот на жртвите се искачи на пет.

„Оваа ситуација е потресна за заедницата и претставува голем предизвик за истражителите кои работат на случајот“, изјавила поручничката Ешли Милер.

Таа додала дека истражителите ќе продолжат да работат во текот на ноќта на увидите и собирањето докази од сите локации поврзани со престрелките.

Идентитетите и возраста на жртвите засега не се објавени, додека нивните семејства не бидат известени.

Гувернерката на Мичиген, Гречен Витмер, изјавила дека е информирана за престрелките и дека ја следи ситуацијата.

Извор: skopje1.mk

Back to top button
Close