Ако не си убав, крши го огледалото!

Младите луѓе масовно ја напуштаат својата безнадежна „патриотска“ татковина, која повеќе се грижи за мртвите на вековните гробишта отколку за живите. Ова ги остава политичарите да се натпреваруваат за повеќе од минатото, а помалку од иднината!
Мерсел Биљали
Северна Македонија помина долг период од својата независност расправајќи за минатото, а заборавајќи за иднината. Лажното минато стана ексклузивна замена за вистинската иднина, за економскиот развој, за мерит системот, за функцоналноста и одговорнста. Едноставно минатото брутално ја убива сегашноста. Тоа е чист културолошки абортус, оти штом ќе се качите во погрешен воз, сите станици ви се погрешни.
Ниту една земја не станала силна затоа што нејзините политичари сакале така, туку од нејзините институции, од нејзината економија, од нејзиното квалитетно образование, од нејзиното развиено здравство, од нејзината чиста животна средина. Но, нашето зло започна кога нашиот „Папа“ во име на „Божјото добро“ а за сметка на ѓаволот, го распродаде целиот заеднички социјалистички имот, создавајќи мала класа незаслужени олигарси со огромна моќ, кои со години силно ја заробуваат државата и сè што има во неа. Уништија цели генерации, за денес оправдано да се запрашаме – ќе остане ли нешто од овие се помалобројни луѓе, кои веќе знаат дека насекаде по светот ќе им биде подобро отколку во нивната татковина?!
Пред некој ден, министерот Муцунски наведе дека „Северна Македонија останува посветена на изнаоѓање решение“, но без да се разговара за прашања поврзани со јазикот, идентитетот, историјата и културата. Иако тоа никогаш и никаде не бил предмет на преговори. Ние самите тоа го наметнуваме. Едно време тој ептен познатиот “мистер амандман“ блокираше граници на држави членки на ЕУ, провоцирајќи со големи истории и географии. Ама со таква историја лесно се завршува во биологија. Дури „откривме“ дека човечката бела раса потекнувала токму од тука. Глупости до небото и назад. Тоа резултирал со врачење на огромна политичка фактура, чии скапи рати и по 25 години продолжуваме да ги плаќаме. А како поинаку кога цело време лудаци воделе и сеуште водат оро, музицирани од една прва расипана виолина и многубројни труби! И затоа, во голема далечина околу коњот на Александар, сè уште пасат голем број магариња.
Заробени од олигарси!
Да имавме грам ум или барем грам идеал, ние ќе стасавме во ЕУ пред сите централно-европски и источно-ервопски држави. Просечната плата сега ќе ни беше околу 3.000 евра, а златните деца ќе ни беа тука. Но, ние се претворивме во болно општество водено од болни водачи со болни амбиции, кое општество морал да заврши во колективно лудило. Зад маглата на таквото лудило, „патриотите“ олигарси со помош на нивни луѓе од власта и медиуми создадоа вистинско национално лудило, за да уживаат во нивните џабе добиени монополи. Во отсуство на лидерство од почеток ја утнавме работата газејќи по сопствената судбина, па и по 35 години умот никако да ни се врати. Наместо пред вратите на ЕУ завршивме како заталкен патник низ пространа пустина. За кратко, од продуктивно едноумие завршивме во масовно безумие! Тој тнр. „трул“ социјализам за 35 години 12-кратно ја подобри народната живеачка, за потоа 35 години да тапкаме во место. Едноставно добиваме власт како под казна!
Причини, колку сакате – лоша приватизација, лошо лидерство, сложено општество, лоши изборни модели и системи, луѓе заробени од 4-5 бездушни семејства итн. Но, фактот е дека сето погоре наведено стана „убава“ колекција ножеви зад грб. Газиме во четвртата декада од осамостујувањето, но државата ни е сѐ позаробена, сѐ по назадна, сѐ по поделена, и секако сѐ по празна! За 30 години тој „лош“ социјализам на Тито од една распадната Југославија направи држава рамна на Германија! А ние го направивме обратното.
Затемнати ЕУ звездичи!
Со бегањето од ЕУ, не само што неповратно изгубивме многу финансии што можевме да ги добиеме, туку пропуштивме и визија за целокупен развој. Бегањето од ЕУ-ѕвездички значи скокање во празен базен! Албанија веќе доби над пет милијарди евра само поради преговорите, додека ние, со нашата тврдоглавост како магаре пред мост, се задолжуваме како никогаш порано и го добиваме епитетот „Банкротирана како Грчка“. Сега со сршен јарбол пловиме по непознатото полно со опасности, без компас и со пијан екипаж. А водопадите и кањонот се пред нас. Првите луѓе на власт веројатно не се свесни за опасноста, па со лилипутска мегаломанија продолжуваат да сипуваат вино и во хор да пеат – „додека ние сме на власт, нема да има уставни измени“. Потоа омекнуваат. Државата не е лична сопственост ниту на премиерот ниту на претседателката, за да одлучуваат со лични заменки. Ама кај лошиот политичар, зборовите служат за да ги сокријат неговите мисли, а мислите за да ја сокријат неговата намера.
Владините бројки за економски „успеси“ се спротивставуваат на секоја основна логика. Никој не верува дека сме лидери во регионот по куповна моќ! Oсвен за купување ветер и магла. Лесно е да се ветува мед и млеко, а да се добива лук и вода. Сите сме виновни тука, бидејќи со години сме навикнати да ја бараме нашата среќа таму каде што сите други ја изгубиле. А водачи ронаат крокодилски солзи додека полнат кенгурски торби. Затоа сега, штом го фалиме Господ, примаме аплауз од ѓаволот.
Никако умот да ни дојде!
Досадниот рефрен за „бугарскиот диктат“ ја убива и таа мала бугарска рационалност. Тоа впрочем е вкусна храна за бугарските националисти. А токму поумерените требаше да се „хранат“. Особено што Макрон, Франција и целата ЕУ стојат зад овој измислен вмровски „диктат“. А токму партијата „ВМРО-ДПМНЕ“ е виновна за таков „диктат“, која не само што не придонесе за наоѓање решение, туку и плукаше по секој предлог. Тие сакаат неограничена власт, ама бараат од нас „ограничените“ цената да си ја платиме! Таа партија никогаш не потрошила ниту еден грам рејтинг во корист на државата. Секогаш плука, вика и навредува. И штом ќе дојдат на власт, како по грешка знаат да фалат некој договор против кој претходно фрлаа со дрвја и камења (претседателката Давкова). Поради нивниот игнорантски став, ги пропуштивме 2008, потоа 2013, и многу други години. Ама важно нивниот рејтин да не бил чепнат!
Па, државниците треба да решаваат тешки задачи, а не кукавички да се кријат зад народот. Според таа логика, САД немаше да бидат вклучени во Втората светска војна оти американскиот народ не го сакаше тоа. Францускиот претседател Шарл Де Гол немаше да го реши Алжир оти екстремните сили животно му се закануваа. Дури бил тешко ранет од нив. Никсон немаше да се повлече од Виетнам, оти најголемата финансиска сила во САД – Воено-индустрискиот комплекс бил многу против. Бајден немаше да се повлече од Авганистан, оти биле потрошени тешки милиарди долари итн. По што ли ќе се памети ДПМНЕ!? Од кукавичлук, оставајќи го народот во длабока кал?! Замижувајќи пред егзодусот на младите?! Тоа не е лидерство, туку ептен ефтино политиканство. Се чини дека во континуитет ВМРО генетски има ептен слаб државнички капацитет. Тие живеат од бројни слатки лаги што маскираат многу горчливи вистини. За жал, и МАНУ нè потсетува и на селска продавница. А изборите ни доаѓаат како победа на илузијата над интелигенцијата. За жал, често знаеме да бидеме горди на нешто од што нормалниот свет се срами!






