Герасимовски и ВМРО-ДПМНЕ почнаа со нова кавга: Нема исплата од 6,6 милиони денари за мобилната апликација

Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, повторно ги отфрли обвинувањата на ВМРО-ДПМНЕ дека Општината платила 6,6 милиони денари за изработка на мобилната апликација, тврдејќи дека за нејзината изработка не бил потрошен ниту еден денар од општинскиот буџет.

Според Герасимовски, апликацијата била изработена волонтерски од вработен во Општината, а единствениот трошок бил околу 200 евра за надоместоци потребни за објавување на платформите Apple App Store и Google Play.

„Уште еднаш, за да нема простор за намерно извртување на фактите: за изработка на мобилната апликација не е потрошен ниту еден денар од Буџетот на Општина Центар“, наведуваат од Општината.

Оттаму велат дека е неточно и тврдењето дека на вработениот кој ја изработил апликацијата му биле исплатени 6,6 милиони денари.

„Таква исплата за изработка на мобилната апликација нема“, се наведува во реакцијата.

Герасимовски ги повика од ВМРО-ДПМНЕ јавно да покажат каде во документацијата на која се повикуваат стои дека 6,6 милиони денари биле исплатени за изработка на мобилната апликација.

„Вчера јасно одговоривме, но очигледно некој не сака да ги слушне фактите. Затоа ќе повторам: Општина Центар не платила ниту еден денар за изработка на мобилната апликација. Ја изработи наш вработен, волонтерски“, изјави Герасимовски.

Тој додаде дека ВМРО-ДПМНЕ, наместо да обвинува со, како што ги нарече, измислени милионски суми, треба да предложи конкретни мерки и проекти за жителите на Центар.

Од Општината појаснуваат дека мобилната апликација служи како дополнителна алатка за полесен пристап до општинските информации и услуги, при што податоците се преземаат од официјалната веб-страница и се прикажуваат на мобилен телефон.

„Лагите и манипулациите нема да изградат ниту парк, ниту училиште, ниту ќе решат кој било проблем на граѓаните. Работата и резултатите – да“, порача Герасимовски, објави Скопје1.мк

Back to top button
Close