Четворица уапсени за убиството на поранешниот светски боксерски првак Тете

Јужноафриканската полиција соопшти денеска дека уапсила четири лица осомничени за убиството на поранешниот светски првак во бокс Золани Тете.
Тете беше застрелан во својот автомобил во петокот пред семејниот дом во Мдантсане, во покраината Источен Кејп, а неговата сопатничка беше ранета и подоцна хоспитализирана.
Полицијата соопшти дека 38-годишниот Тете пристигнал во својата куќа и чекал да се отвори портата кога бил нападнат од двајца вооружени напаѓачи.
Еден од осомничените, кој беше уапсен пред два дена, треба да се појави на суд во текот на денешниот ден, а другите тројца ќе се појават подоцна.
Од 2007 до 2008 година, Тете беше светски шампион во категоријата мува во верзијата на Светската боксерска федерација (WBF), додека во 2017 и 2019 година беше светски шампион во категоријата бантам во верзијата на Светската боксерска организација (WBO).
Подоцна, Тете беше суспендиран четири години поради допинг, а казната истече минатиот јули.






