Да не го загубиме моралниот компас во хаосот на војните
Денко Малески
Ова не е веќе светот од пред 4 години кога, во февруари 2022 Русија иврши агресија врз Украина. Во меѓувреме Америка и Израел извршија агресија врз Иран; Израел, поддржан од Америка, изврши геноцид врз Палестинците во Газа; во Венецуела американските сили го киднапираа нивниот претседател Мадуро и воспоставија контрола врз нафтата,; Кина ја предупреди Америка да не падне во „стапицата на Тукидид“ и да се обиде со економски и воени средства да го спречи подемот на новата голема сила; Русија, Иран и Кина станаа сојузници во отпорот против Америка…. Иако не нуклеарна, ние сме веќе во светска војна. Војната, засега, се води со конвенционално оружје иако употребата на тактичко нуклеарно оружје не е длеку, во случај некоја од нуклеарните сили да се соочи со пораз. Дамна се заборавени зборовите на Џон Кенеди дека сопарничката нуклеарна сила не смее да биде доведена пред изборот понижувачки пораз или употреба на нуклеарно оружје. Само еден Господ знае како може да се држи целава оваа мешаница на меѓународната сцена под контрола за да не ескалира во нуклеарен холокауст. Кој е патот до мирот?

Патот до мирот е во отрезнување на колективниот Запад за новите реалности во светската политика и светската економија. Најкратко кажано, отрезнување дека 500 години европска а потоа и американска доминација со светот е завршена. Сликата на теренот покажува дека помина униполарната ера со доминација на Америка како единствена супер сила и дека светот стана мултиполарен.
Но, тоа како да не ја намалува ароганцијата на моќ кај нашите американски и европски сојузници. Вашингтон и Брисел сеуште се во потрага по доминација и во мултиполарниот свет (!?) и се колебаат дали да продолжат да играат на картата на слабеење на ривалската голема сила Русија или да преговараат за мир. Оти, ако примарниот интерес на Америка и на Европа сеуште е да се собори Русија од статусот на голема сила, битката до последен Украинец може да продолжи со битка до последниот Европеец.
Брисел, изјавува дека е спремен на такво сценарио и се подготвува за војна со Русија во наредните неколку години. Тоа е експлицитно кажано во изјавите на претсавниците на европските големи сили Германија, Франција и Британија. Последиците од ваквата политика, проследена со заеднички украинско-европско-американски ракетни напади длабоко на територијата на Русија, во некој момент, можат да предизвикаат ракетна одмазад на Москва. Путин, се разбира, нема да брза со таквата можност зашто не сака уште подиректно инволвирање на НАТО на страната на Украина зашто тоа би бил подарок за режимот на Зеленски. Посебна грижа е реакцијата на непредвидливиот американски претседател Трамп.
Како се снаоѓа македонското политичко раководство во таа мешаница на меѓународната сценана која слоновите се борат? Тактиката која ја избраа актуелните македонските политичари е онаа која би ја избрала секоја мала држава која се чувствува загрозена: поддршка и на Вашингтон и на Брисел. Бидејќи, во моментот, односите Брисел-Вашингтон не се додједни до точка на кршење, Скопје може да седи на две столици. Поддршката на Украина манифестирана на седницата на Комисијата за меѓународна политика на македонскиот парламент некни, е доказ дека ние се идентификуваме со единствената меѓународна и безбедносна политика на ЕУ која е во војна со Русија. Се додека се работи за декларативна поддршка ,не е толку тешко, но доколу Европа би влегла во војна со Русија,а македонски војници, како и европски, почнат да се враќаат од боиштата во пластични вреќи, приказната ќе стане поинаква. Безрезервната поддршка на политиките на Европа и на Америка кажуваат колку сме зависни од добрата волја на големите сили. Тоа е секогаш така меѓу силните и слабите. Она што ни останува е да не го загубиме целосно моралниот компас. Имено, забележувам претерување во изјави на поддршка на нашите стратешки партнери за дејствија кои од морална и од правна точка се погрешни: геноцидот врз Палестинците, нападот и убиството на Ајатолахот и неговото семејство или киднапирањето на легалниот претседател на Венецуела. Вистина, малата држава нема голем простор за независно мислење сега, пред да се смени мислењето на големите европски сили и на Америка што би можело да се случи по изборите во Франција и Германија. Сепак,има еден сосема тесен простор и мала држава да сочува нешто од свето достоинство. Па макар како со она изјава на словенечки министер за надворешни работи кој прашан за ставот на Словенија за инвазијата на Ирак во март 2003 , наводно, одговорил дека Словенија е премалечка да има став за така голема меѓународна тема.
Не ни личи да виеме ора на туѓи гробови и со ентузијазам да навиваме за геноцид, политички убиства и бомбардирања само затоа што се работи за наши сојузници. Не мора баш во се да сме во првите редови.






