Браќата Тејт признаа дека раскошот и богатството се лажна игра за влијание на социјалните мрежи
Судскиот случај околу британско-американските јавно влијателни личности Ендрју и Тристан Тејт, кои многумина ги оценуваат како инфлуенсери-мизогинисти, разоткри дека нивните блескави прикажувања на раскош и богатство, вклучувајќи и суперјахта од 50 милиони долари и паркот луксузни возила од 14 милиони долари – биле измислени за влијание на социјалните мрежи.

Адвокатите на озлогласените браќа кои се во федерален притвор во Мајами и се борат против екстрадиција во Велика Британија по обвиненија за силување и трговија со луѓе, рекоа дека нивното покажување на социјалните медиуми било „театарска и евтина измама“, за да го разубават нивниот имиџ како ултрабогати „плејбои“. Видеата на дуото често прикажуваа „Астон Мартин“ од 2,1 милион долари и пар спортски автомобили „Бугати“ вредни вкупно 12 милиони долари – но сите три автомобили биле „изнајмени“ реквизити, призна нивниот правен тим.
Суперјахтата од 50 милиони долари што ја покажуваат, пак, исто така, „не им припаѓа на Тејтови“, се наведува во документите, додавајќи дека тие „примиле исплата за промоција на бродот“ на интернет-просторот.
За многумина „шокантните“ откритија беа направени само за да се негира дека браќата се толку богати што претставуваат ризик од бегство доколку бидат ослободени. Нивниот правен тим призна во петиција од 28 страници каде што се поддржува барањето на Тејтови за ослободување, дека нивните многу влијателни објави не треба да се сфаќаат сериозно бидејќи тие се „очигледна сатира, хипербола и промоција“ што се обидува да ги измами следачите за пари.
„Колку е објавата похиперболична и поневообичаена, толку е поголема веројатноста дека ќе генерира прегледи и допаѓања – коешто пак, генерира приход. Накратко, тие играат улога“, напишаа адвокатите.
Обвинителите, исто така, го наведоа тврдењето на Ендрју дека има до осум пасоши – од САД, Велика Британија, Естонија, Нигерија, Полска и малата островска држава Вануату во Јужниот Пацифик, како доказ дека тој претставува ризик од бегство. Адвокатите, исто така, го отфрлија видеото во коешто Ендрју се фалеше со тие пасоши, како „шега“.
Ендрју (39) се соочува со десетици обвиненија во Велика Британија, вклучувајќи повеќекратни обвиненија за силување, трговија со луѓе и напад. Минатиот месец, нему му беа поднесени и низа нови обвиненија за наводно поседување детска порнографија, од страна на Британското обвинителство. Се работи за 19 обвиненија за „непристојни слики од дете и екстремна порнографија“, објави „Телеграф“.
Неговиот помлад брат, Тристан (38) се соочува со обвинение за сексуален напад, две тужби за силување и три обвиненија за трговија со луѓе.
Браќата живееја во Романија од 2016 година, каде што се соочуваат со посебна кривична истрага за наводи за трговија со луѓе, силување, организирано криминално здружување и перење пари. Тие беа уапсени на 18 јули во Мајами и се наоѓаат во американскиот Федерален притворен центар додека се борат против екстрадицијата.





