САД соопштија дека прекинале кинеска хакерска операција

САД соопштија дека прекинале кинеска хакерска операција одговорна за упади во системите на Министерството за правда, НАСА, Федералните резерви, Сенатот и други владини агенции.
Министерството за правда објави дека домените што ги користат две хакерски платформи, наречени „QScan“ и „QTRouter“, се запленети. Тие платформи, како што е наведено, биле дел од поширока кампања.
Се наведува дека меѓу жртвите на нападот биле Министерството за енергетика, Министерството за здравство, Националните институти за здравство и четири неименувани компании од САД и од Јужна Кореја.
Американското Министерство тврди дека платформите биле управувани од Nanjing Xinjiuwei Network Technology од Кина. Според нивните изјави, клиенти на таа компанија биле кинеската цивилна разузнавачка служба, односно Министерството за државна безбедност и кинеската армија. Тие тврдат дека инфраструктурата на групата се користи за напад врз клучни системи во САД и низ целиот свет од најмалку 2018 година.
Кинеската амбасада во Вашингтон не одговори веднаш на барањето за коментар. Кина инаку ги отфрла тврдењата дека стои зад хакерските напади.






