ОХРИДСКИОТ ДОГОВОР: 25 години потоа (2)

Кон првиот дел

Моделот кој во политичкиот систем ќе ги реализира овие принципи се состоеше од базично три столба и една нова уставна процедура.



Првиот столб е проширување на употребата на јазикот на заедниците кои не се во мнозинство. Затоа прецизно (во овој дел договорот има правни одредби) се дефинираше модалитетот на употреба на јазикот и односите на мнозинскиот и малцинските јазици. Во тоа се следи принципот на “изразување на идентитетот на носителот”, а не симетрична јазична карактеристична за федерализација. Албанскиот добива поширока примена во Парламентот и неговите работни тела, Службениот весник, преводи на законите, во некои димензии и во администрацијата (согласно упатување на Законот за јазици кој треба да се донесе во иднина). Тоа ќе значи дека законот за јазици може во хоризонтала да ја прошири и прецизира употребата на албанскиот и другите јазици согласно Охридскиот, но до лимитот кој е поставен во Уставот (исто така согласно Охридскиот). Албанскиот јазик добива статус на официјален јазик, кој нема иста широчина на употреба како македонскиот, но сепак има официјален статус уставно дефиниран.

Вториот столб е прецизна агенда за правична застапеност на припадниците на етничките заедници. Со што се зајакнува и се става на предвидлива агенда инклузивноста на политиката и државната администрација. Ова со тренинзи за инклузија на припадници на етничките заедници, посебно Албанците во полицијата, војската, царината, финансиите, во релативно кратки временски образовни курсеви на обука. Ова беше важна линија на решенија земајќи ја лошата состојба на тоа ниво на инклузивноста на државната администрација. Проблемите на т.н. мерит систем (систем на заслуги) и брзата регрутација (која македонските националисти секогаш го истакнуваа) не се покажа посебно тежок, но проблемот на партизација на регрутацијата се покажа поголем од очекуваното со овие почетни решенија на Охридскиот (за тоа во друга прилика).


Трет столб на решенија е локалната демократија (израз на Бадинтер) или локалната самоуправа, каде се насочуваат поголемиот дел од ’вентилационите гасови’ на етно енергијата. Со овој блок јасно се зацврсти унитарноста на државата создавајќи едностепена локална самоуправа и избегнувајќи етно-регионализација. Финансиската самостојност на општините се покажа како поголем проблем од очекуваното бидејќи до ден денес таа не е комплетирана согласно Охридскиот.

Дополнително на ова се воспостави една <дефанзивна> процедура во Парламентот наречена <бадинтерово мнозинство> или двојно гласање (де факто ограничено право на вето во рацете на немнозинските пратеници во Парламентот), за закони во кои директно се допираат правата на етничките заедници. Ова беше значајно теоретско и практично решение во корпусот на Липхартовата консоцијална демократија, каде имањето вето во рацете на мацинствата во Парламентот е нерешено прашање и ноќна мора за теоретичарите.

Бадинтеровото гласање од Охридскиот договор се покажа како решение на овој проблем, со балансирање на бројот и карактерот на закони за кои се употребува (дефинирани во посебен закон). До денес не се бележи случај на злоупотреба или блокада на легислативниот процес поради оваа процедура на гласање.


Пост-фестум

По 25 години примена на договорот, тој од широката стручна и политичка меѓународна заедница е оценет како најуспешен во регионот и договор кој гради, а не разградува држава. Од 0.2% Македонци кои го подржуваа во времето кога беше донесен, тој процент порасна на фантастични 62% по дваесет години негова примена. Таа легитимација кај македонското граѓанство е посебен триумф на ваков вид договор кој решава етнички конфликти.

Дополнително, договорот меѓународно се користи како модел и препорака во други кризи во регионот и пошироко во Европа.

Тој договор ги порази сопствените скептични потпишувачи, а и една булумента на квази-уставни експерти кои со него предвидуваа етнизација  или де факто федерализирана држава. Спротивно на тоа, Охридскиот рамковен договор ја  зацврсти политичката инклузивност, одржувајќи ја ефикасноста на политичките коалиции.


Она што јас би му го замерил во екот на неговиот успех е отсуството на дополнителен проект за помирување во процесот на имплементација. Имено, неопходно е ваков вид договори да биде следен од проект за реконсилијација – помирување на судирените страни, процес кој има поцврсти и помеки димензии. Тој е наменет актерите, а особено жртвите, да ја изговорат вистината за тоа како го преживеале конфликтот; да се залечат некои од раните на судирот, како што се прашањето на раселените лица, коските и незнајните гробови на борците, како и да се решат, ако треба, случаите на воени злосторства кои не се опфатени со ниту една амнестија и слично. Помеките инструменти на помирувањето овозможуваат создавање меморија за историскиот настан, а со сместувањето на жртвите и актерите во него се овозможува затворање на траумата и шанса да се продолжи понатаму. Тоа, за жал, по Охридскиот договор не умееше да се направи, бидејќи меѓународната заедница не беше заинтересирана да го турка и тој процес, кој објективно зависи првенствено и единствено од нас – актерите кои остануваат да живеат заедно. Оттука се и овие отворени усти и зјапнати прашања: што ни се случи, дали тоа може да се повтори, дали ќе има второ полувреме и слично. Но, сепак, да се вратиме на Охридскиот договор, кој стана важен политички аргумент за способноста за инклузија и функционалност на нашиот политички систем на мултикултурна демократија, што пак е клуч за нашата НАТО и ЕУ-интеграција, создавајќи меѓународни партнерства и рејтинг.

Охридскиот договор ѝ служи добро на Македонија. Тој треба цврсто да се држи во имплементација, која не смее да се проширува или компромитира со секоја нова влада. Дебата дали е доволен може да се води само откако Македонија ќе влезе во ЕУ. Тоа потоа е предмет на ЕУ стандардите и новиот ЕУ општествен договор, а не само наше прашање.


Љубомир Фрчкоски,

Галичник 2026

 

Back to top button
Close