Поддршка на Младиќ е измама на сопствената совест!

Некои Срби се горди на постапки од кои нормалниот свет се срами. Честа не може да се одземе, таа едноставно може само да се изгуби. А ништо на светот не е полесно од измамата на сопствената чест и совест, додека не се сфаќа дека националистите се следните убијци на својот народ! А тука има добри мајстори во градење ѕидови, но лоши во градењето мостови!

Мерсел Биљали

Хашкиот доживотно осуденик за злосторства и геноцид Ратко Младиќ се враќа дома, но мртов, ама попопуларен отколку жив! Беше осуденик пред Хашкиот суд за геноцид во Сребреница и бројни други злосторства за време на воените конфликти во БеХ во 90-тите години.

Американскиот дипломат Кристофер Хил го опиша Младиќ како брутален, арогантен и суетен. Тој раскажува како, за време на преговорите што ги свикал во 1995 година, Младиќ брутално заклал свиња за да ја демонстрира својата моќ. Откако беше отстранет од таа позиција под притисок на меѓународната заедница, Ратко Младиќ се криеше во разни воени објекти во ентитетот Република Српска (во БиХ), а потоа и во Србија, каде што уживаше заштита од Слободан Милошевиќ и Воислав Коштуница. Конечно беше уапсен во 2011 година врз основа на обвинението на Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија, каде што доби доживотна казна затвор. И за време на судењето, тој не покажа каење, беше полн со ароганција за злосторствата што ги изврши во Хрватска и Босна и Херцеговина. „Сакам сите мои непријатели да пукнат и да пропаднат затоа што јас сум сè уште жив“, рече тој во еден момент за време на судењето во Хаг.

За време на војната што самиот Милошевиќ ја започна, Младиќ често ја демонстрираше својата моќ пред камерите. Креваше тегови и брутално колеше животни за да всади страв. Го правеше ова пред десетици илјади преплашени цивили и деца пред да ги убие. Дури и денес, многу медиуми и поединци ги фалат и слават неговите злосторства како „херојство“! Тоа се случува и тука кај нас! Неговите злодела започнале во јуни 1991 година, кога беше испратен во Книн, тогашен главни град и центар на Република Српска Краина, како командант на 9-тиот корпус на ЈНА, со задача да го поддржи српскиот бунт во Хрватска. Така, во 1991 година, тој ги нападна градот Шибеник, Кијево, Врлика и областа околу Задар со педесет тенкови. Тој изврши бројни воени злосторства. Судот во Задар го осуди во отсуство на 20 години затвор за воени злосторства. Но, тоа не го спречи да убие околу 75.000 Бошњаци во Босна и Херцеговина.

Тој беше на чело на главниот штаб на војската на босанските Срби од нејзиното основање на 12 мај 1992 година до 8 ноември 1996 година како командант на Врховниот штаб на Војската на Република Српска. „Еве нè на 11 јули 1995 година, во српска Сребреница. Во пресрет на уште еден голем српски празник, му го подаруваме овој град на српскиот народ. И конечно, дојде моментот да им се одмаздиме на Турците во оваа област“ – ​​рече Младиќ пред камерите.

„Добра вечер, јас сум генерал Младиќ“, беше снимен како им вели на преплашените жени и деца кои седеа во автобус чекајќи депортација од своите домови во Сребреница во јули 1995 година. Додека им зборуваше, неговите војници ги издвојуваа мажите и ги подготвуваа за егзекуција. За само три дена убија над 8.000 муслимански мажи, млади и деца во злогласниот геноцид во Сребреница во 1995 година. Најмладото лице убиено имаше само 14 години. Пресудата утврди дека тој ги извршил овие злосторства со учество во четири заеднички злосторнички потфати. Првиот злосторнички потфат вклучувал план за истерување босански муслимани и босански Хрвати од областите на БиХ врз кои претендираа босанските Срби. Вториот злосторнички потфат имаше за цел да шири терор меѓу цивилното население со снајперисти и гранатирање, како што беше случајот со опсадата на Сараево (вклучително и „Сафари“). Целта на третиот злосторнички потфат беше етнички да се исчисти Сребреница од босански муслимани, додека четвртиот имаше за цел да земе мировници на ООН како заложници за да се спречи НАТО да изврши воздушни напади.

На 22 ноември 2017 година, Меѓународниот трибунал за воени злосторства извршени на територијата на поранешна Југославија го осуди Младиќ на доживотен затвор за злосторства и геноцид во БиХ. Во еден момент за време на изрекувањето на пресудата, Ратко Младиќ стана и извика „Лажете, лажете“ и проколна, поради што главниот судија Орие ги замоли стражарите да го изнесат од судницата. Остатокот од пресудата тој го исслуша од посебна просторија преку екран. Во ниту еден момент за време на судењето Младиќ не покажа каење за извршените страшни злосторства. Тоа беше првиот геноцид во Европа по Втората светска војна.

Ќерката му се самоуби!

Зад лошата биографија на Младиќ, се крие и една голема мрачна семејна трагедија. Имено, неговата 23-годишна ќерка Ана беше пронајдена мртва во нивната вила во Белград на 25 март 1994 година, а официјално беше утврдено дека таа извршила самоубиство со омилениот пиштол на татко ѝ. Околу нејзината смрт беа вткаени бројни теории. Смртта на ќерката, на која тој беше исклучително приврзен, се претвори во една од најмрачните епизоди од неговиот приватен и семеен живот. За причината, се вртат бројни шпекулации. Дека таа се самоубила кога дознала за тешките злодела на татка си. Дека тоа е дело на српското подземја предводен од структурата на Аркан. Дека таа била вљубена во едно младо момче кого Младиќ не можел да смисли да му биде зет, па затоа го пратил на опасно бојно поле и таму наводно погинал од непријателски куршуми, а Ана изабрала да му се придружи или да му се одмазди на таткото. Дека Бог го казнувал, итн.

Младиќ сè уште се слави како херој!

За жал воениот џелат сè уште се смета за херој од многу босански и други Срби, тврдејќи дека таков војник не може да нареди убивање луѓе, особено не цивили. Бошњаците кои ги преживеале ужасите на војната го гледаат таквото континуирано негирање на воените злосторства и неговото возвишување како главна пречка за постигнување траен мир и помирување во земја која е сè уште длабоко етнички поделена. Ефтиниот Милорад Додик, на пример, е на мислење дека ниедна пресуда не може да го лиши Младиќ од статусот на херој. За жал, многу босански Срби се согласуваат со ова гледиште.

Во војната во БиХ, меѓу Хрватите, Бошњаците и Србите загинаа речиси 100.000 луѓе, од кои повеќето припаѓаа на муслиманската заедница. Мнозинството од нив беа недолжни цивили, а една бројка дури беа убиени од тнр. „сафари“ убивства. За жал, дури и по толку години, и во Република Српска и во Србија, нема извинување, туку се создава наратив што е спротивен на она што го докажа Меѓународниот кривичен суд, вели Јасмин Медиќ, виш научен соработник на Институтот за историја, Универзитет во Сараево. Денис Џидиќ, извршен директор и уредник на Балканската истражувачка мрежа на Босна и Херцеговина, предупредува дека негирањето на геноцидот и глорификацијата на осудените воени злосторници сега добија институционални и меѓународни размери. A и кај нас никој не разбира зошто некои Македонци носат такви гревови на своите рамена.

Младиќ крајно арогантен во Хаг!

На крајот од војната, кога Младиќ веќе беше под обвинение во Хашкиот трибунал, но и под заштита на Милошевиќ и Коштуница, тој не престанал да се фали за „големите успеси“ во полза на српството, која како да му даваше самодоверба за да не биде предаден на Хашкиот суд. Со години неговата екстрадицијата во Хаг беше попречена. Но, по падот на Милошевиќ во 2000-та година и растечкиот притисок од Западот врз Србија да ги предаде обвинетите во Хаг, Младиќ се повлече од јавноста и кукавички се криеше до неговото апсење. Тој беше уапсен во мај 2011 година и тоа со лажно име како Милорад Комадиќ.

Првостепената пресуда на Хашкиот суд детализираше застрашувачките детали за многубројни убиства, тепања, силувања и другите злосторства. Младиќ лично наредил и уживал во такви злодела. Особено треба да се потенцира сведоштвото на новинарката на CNN, Кристијане Аманпур, која известувала од Босна и Херцеговина за време на војната. „Таа рече дека нејзината прва реакција кога дознала за неговата смрт била: „Конечно“. „Младиќ почина во кревет во затворска болница, луксуз што десетици илјади жени, мажи и деца кои починаа поради него не можеа да си го дозволат“- рече таа.

Сега се бара тој да биде погребан со државни почести, третирајќи неговите убивства како национално херојство! За жал такви има и тука кај нас, и тоа не само од партијата на Србите! Нема поголема колективна крволочност од славењето убиства. Ништо на светот не е полесно од измамата на сопствената совест. Првичното соопштение дека ќе биде погребан со државни почести, срамежливо е демантирано од српските власти, за на крајот сепак да се потврди. „Ве молам, ве молам престанете со овие приказни. Можам да ви гарантирам дека ако семејството сака неговото тело да биде погребано на српска територија, ние ќе помогнеме тоа да се направи на достоинствен и пристоен начин. Тоа е сè што знам во овој момент“ – рече српскиот претседател Александар Вучиќ.

Портпаролот на Обединетите нации ги повика сите оние на моќни позиции да се воздржат од негирање на сериозноста на злосторствата за кои Младиќ беше осуден. Во пресусата стои дека есента 1994 година, силите на војската на Република Српска ја започнаа операцијата „Бреза 94“ против силите на Петтиот корпус на Армијата на БиХ. Младиќ лично го предводеше нападот, а за време на подготовките за операцијата рече: „Ни пиле не треба да се остави жив во Бужим“.

Крволочните националисти се наредни убијци на својот народ. А пред тоа убијци на други народи. Србите никако да ја научат лекцијата дека „големите патриоти“ во континуитет ги носат во големи порази. Тие низ векови докажа дека се добри мајстори за градење ѕидови, ама лоши во градење мостови. Луѓето тешко сфаќаат дека омразата е како да пиеш отров и да чекаш другиот да умре. Тука толеранцијата се компликува, а омразата се поедноставува! Ништо на светот не е полесно од измамата на сопствената совест!

 

Back to top button
Close