Трамп: САД жестоко ќе одговорат на иранските напади врз американските сили

Американскиот претседател Доналд Трамп најави дека САД силно ќе возвратат на иранските напади со балистички ракети и дронови врз американските бази во Јордан и во Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), кои иранската Исламска револуционерна гарда (ИРГЦ) ги изврши како одмазда за американската операција на островот Ларак заради спречување на поставување на морски мини во Ормуска Теснина.
– Ќе ги погодиме силно. Ќе има одговор – изјави Трамп за „Фокс њуз“.
Тој истакна дека американските системи за воздушна одбрана пресретнале поголем дел од нападите. Една ракета била идентификувана како ракета која „нема да погоди ништо значајно“, па американските сили дозволиле таа да продолжи да се движи низ воздушниот простор, рече Трамп.
Иранската Исламска револуционерна гарда (ИРГЦ) рано денеска соопшти дека ги нападнала воздухопловните бази „Кинг Хусеин“ и „Азрак“ во Јордан со балистички ракети, а истовремено ја гаѓала воздухопловната база „Ал Минхад“ во ОАЕ со дронови со експлозив.
ИРГЦ соопшти дека операцијата била одмазда за вчерашниот американски напад врз островот Ларак, кој, според извештаите, имал цел да го спречи поставувањето морски мини во Ормуска Теснина, клучна рута за транспорт на нафта.
Трамп, исто така, изрази скептицизам во врска со можноста за дипломатски пробив, посочувајќи дека иако Техеран бара средба, актуелните американски санкции „силно почнуваат да дејствуваат“.






