Анкета: Најнепристојните туристи доаѓаат од Италија

Ново испитување на мислењето кај туристичките оператори открива како тие ги гледаат туристите од 15 различни националности: Кои се сметаат за најучтиви, кој троши и дава најмногу бакшиш, кој е најавантуристички настроен и кој е особено заинтересиран за храна. Анкетата е спроведена меѓу 192 туристички оператори од „Сафари-букингс“ (SafariBookings) – платформа специјализирана за организирање африкански сафари-тури. На испитаниците им биле поставени пет прашања за однесувањето на туристите од различни националности.

Истражувањето покажува дека не постои една нација што е „најдобра“ во сите категории. Некои се издвојуваат по својата учтивост, други по својата дарежливост, трети по својот авантуристички дух и четврти по својата љубов кон храната. Кога говориме за учтивоста, Јапонците убедливо го освоија првото место – со 21,1 отсто позитивни одговори од испитаните тур-оператори. По нив следуваат Норвежаните со 10,6 отсто и Швајцарците со 10,4 отсто, додека Канаѓаните и Американците беа исто така меѓу подобро оценетите туристи. На другиот крај од листата се Италијанците. Само 1,3 отсто од испитаниците ги наведоа како учтиви туристи.

Дури 29,5 отсто од испитаниците ги наведоа Американците како туристи кои оставаат најголем бакшиш. По нив следат Германците со 13,1 отсто, Канаѓаните со 10 отсто и Швајцарците со 8,6 отсто. Американците се на прво место и кога станува збор за трошењето. Околу 24 отсто од испитаниците ги издвоиле како туристи кои трошат најмногу на своето патување.

Кога станува збор за авантура и активен одмор, врвот е запоседнат од Европејците. Германците се први, со 21,1 отсто од гласовите, потоа Французите со 17,8 отсто и Холанѓаните со 11 отсто. На дното од оваа категорија се Британците и Индијците, со по 4,5 отсто, и Шпанците со 4,3 отсто од гласовите.

Говорејќи за туристи за кои храната е еден од најважните делови од нивното патување, азиските земји се на врвот на листата. Индијците се на првото место, Јапонците втори, а Французите – трети. Кинезите се на четвртото место, па следат Холанѓаните и Италијанците.

Back to top button
Close