Поставена биста на тапанарот на „ДНК“, Ѓорѓи Ѓоргиев – Џоко, кој загина во пожарот во „Пулс“

Струмица вечерва покажа дека знае да ги чува од заборав своите граѓани кои со својот талент и дела оставиле силен печат во нејзиното битие и афирмација.
Еден од нив е и младиот музичар Џоко Ѓоргиев кој на само 25 години трагично го загуби животот во пожарот во дискотеката ,,Пулс” во Кочани.
Во негова чест и на неговиот роденден, но и во чест на 64-те жртви, вечерва во големиот градски парк беше откриено Спомен обележје, а на кое му претходеше марш на сеќавањето по булеварот ,,Гоце Делчев” до градскиот парк, објавија од општина Струмица.
,,И јас, лично го познавав Ѓорѓи Ѓоргиев.
Гордост е за човек да познава исклучително талентирано, паметно и пристојно дете”, вака своето обраќање го започна градоначалникот Петар Јанков пред родителите на Џочето, мајката Зорица, таткото Драги и братот Димитар, пред семејствата на жртвите во пожарот, роднини, пријатели, другари, членови на Советот на општина Струмица и голем број граѓани почитувачи на синоокото момче и неговите тапани.
,,Мора да има правда за секого. И мора да има одговорност, затоа што само така споменот добива смисла. Ние, како народ, мора да бидеме посвесни, повнимателни и поодговорни. Не смееме да чекаме освестување за да сфатиме што сме можеле да направиме поинаку.
Нека ова место биде потсетник дека Џоче и сите што ги загубивме една кобна вечер не смеат да бидат заборавени. И дека наша обврска е да направиме сè за ниту едно друго дете да не го загуби животот поради негрижа, неодговорност или недоволна посветеност”, додаде градоначалникот Јанков.






