ВМРО-ДПМНЕ: Наместо во служба на правдата и граѓаните, правосудството се претвори во бастион на СДС и ДУИ

Од партијата велат „Остатоците на СДС и ДУИ во правосудните органи за да ги спасат од кривична одговорност Венко Филипче, Зоран Заев и таквите како нив укинуваат пресуди, стопираат истраги, враќаат предмети на повторување на постапки. Зависно од предметот и што тоа му треба на ликот кој се гони или треба да се гони за одредено кривично дело. Така, за автобуската несреќа на Дурмо Турс кај Ласкарци со 16 жртви, пресудата е укината. За 14 жртви кои живи изгореа во пожарот во модуларната болница во Тетово, затворена е истрагата и обвинение за кривична одговорност за Филипче нема. Тука е запрената истрага за случајот Мазут, тежок 167 милиони евра“.
Посочуваат „од Ласкарци и Модуларната до случајот Мазут, истата правосудна мрежа ги штити истите политички структури и тоа е причината зошто граѓаните во правосудството имаат само 2% доверба. Затоа што правосудството, наместо да биде бастион и упориште на правдата, се претвори во бастион на СДС и ДУИ. Но, и СДС и ДУИ, и нивните корумпирани ликови, треба да знаат дека времето на недопирливите мора и ќе заврши, одговорност за секој според делото, ќе има“.






