Акцијата сè уште трае: Пронајдени автоматско оружје и симболи на ИСИС, има апсења и одземање на уреди
Автоматско оружје, муниција, ножеви и тактички елек се само дел од предметите пронајдени во утринската полициска акција која сè уште е во тек, дознава „Скопје1“.

Според неофицијалните информации на „Скопје1“, Министерството за внатрешни работи постапува по претходно добиени оперативни сознанија од Агенцијата за национална безбедност.
Акцијата следувала по сознанија дека на територијата на Македонија дејствува група, по што биле преземени активности и претреси. При нив, покрај оружјето и другата опрема, според информациите на „Скопје1“, биле пронајдени и симболи на ИСИС.
Засега нема официјална информација за природата на групата, ниту за евентуалната поврзаност на лицата со ИСИС. Тоа треба да биде предмет на понатамошната истрага.
Во рамки на акцијата се одземаат и електронски уреди, меѓу кои мобилни телефони и лаптопи. Тие треба да бидат предмет на дополнителни проверки со цел да се утврди каква комуникација остварувале лицата, со кого комуницирале и дали во случајот има и други инволвирани.
Локациите на кои утрово се вршат претресите засега не се откриваат.
Според информациите на „Скопје1“, акцијата сè уште трае, поради што во овој момент не е познат ниту конечниот број на приведени или уапсени лица.
Повеќе детали се очекуваат од Министерството за внатрешни работи и Агенцијата за национална безбедност, како и од надлежното обвинителство, до кое треба да биде доставена кривична пријава за случајот објави Скопје1.мк






