„Секси мама“ во „Македониум“, за околу 500 евра е изнајмен споменикот за снимање спот на косовски рапер

Споменикот „Македониум“ во Крушево бил изнајмен за околу 500 евра за снимањето на спотот „Секси мама“ на косовскиот рапер Дон Џони, пренесува СДК.мк.

Според информациите на СДК.мк, продукцијата побарала дозвола од Историскиот музеј Крушево, а музејот го одобрил користењето на просторот. Директорот Миха Оџаклиески за СДК.мк изјавил дека Управниот одбор има донесено одлука просторот да може да се отстапува за снимања со соодветен надомест.

„Просторот беше отстапен за снимање спот. И на Управен одбор имаме донесено одлука да може просторот да се отстапува со соодветна цена, се наплатува. Тие имаа доставено до нас објаснување дека просторот ќе се користи за снимање спот. Немаме точно оформена цена, се отстапува на саати, на пример околу 500 евра за 5-6 саати“, изјавил Оџаклиески, пренесува СДК.мк.

Во однос на содржината на спотот, директорот појаснил дека сцените со кревети и играње не биле снимени во „Македониум“, туку на други локации.

Од друга страна, директорката на Управата за заштита на културното наследство, Весела Честоева изјавила дека од Управата не била побарана дозвола за снимање во споменикот во Крушево

Честоева посочила дека до Управата често пристигнуваат барања за снимање емисии и спотови во објекти што се заштитено културно наследство. Според неа, дозвола се дава доколку снимањето е во согласност со промоцијата на македонската култура, уметност и наследство.

Минатата година македонската група „Некст тајм“ го објави проектот „Македониум“, снимен во истоимениот споменик.

Споменичкиот комплекс „Македониум“ е дело на уметниците Јордан и Искра Грабулоски, а е отворен на 2 август 1974 година, на 30-годишнината од заседанието на АСНОМ и 71-годишнината од Илинденското востание.

Во 2018 година, австралискиот магазин „Architecture & Design“ го вброи „Македониум“ меѓу десетте најуникатни градби во светот. Во 2016 година, американскиот магазин „Architectural Digest“ го стави на листата на седумте најинтересни бруталистички градби во светот

Изминатото лето, споменикот, кој со години протекува, почна превентивно да се заштитува со метална конструкција на галериите со витражи и стакла. Тогаш директорката на Завод и музеј – Прилеп, Мимоза Христоска, за СДК.мк изјавила дека станува збор за привремено решение и дека основниот проект за санација поминал низ Националниот конзерваторски центар и Управата за заштита на културното наследство.

По нејзината изјава, директорката Честоева за СДК.мк кажала дека Управата не дала дозвола за поставување на металните решетки како дел од конзерваторските работи на „Македониум“ и дека следи инспекциски надзор.

Резултатите од инспекцискиот надзор сè уште се очекуваат.

 

Back to top button
Close