Ескалира насилството на ученичките протести во Франција: Запалени училишта и повреден директор


Насилството што ги одбележува тековните ученички протести во Франција дополнително ескалира, при што денеска беше пријавен случај на наставник полиен со бензин, а најмалку две училишни згради беа зафатени од пожар.

Незадоволството на учениците и студентите е предизвикано од недостигот на наставен кадар и лошата состојба на училишните згради. Поради протестите во кои беа повредени десетици луѓе, а стотици — главно малолетници — беа приведени од безбедносните сили, премиерот Себастиен Лекорну попладнево свика итен кризен состанок. Само вчера беа уапсени повеќе од 600 лица под обвиненија за подметнување пожар и за напад врз полициски службеници, додава ДПА.

Инциденти беа регистрирани во повеќе градови во земјата. Во Марсеј, стотици млади луѓе утрово го опколија противпожарното возило испратено да го гасне пожарот во гимназијата „Сен-Егзипери“, соопшти полицијата. Агресивните демонстранти ги принудиле пожарникарите да излезат од возилото, по што го запалиле. Во истиот град, директорот на гимназијата „Виктор Иго“ бил повреден во напад, соопшти обвинителството, без да изнесе дополнителни детали.

Противпожарните служби соопштија и за подметнат пожар во училишна зграда во западниот град Нант. Заменик-градоначалникот Оливие Шато изјави за телевизијата „Франс инфо“ дека пожарот во гимназијата „Нелсон Мандела“ е ставен под контрола и дека нема повредени. Луѓето во зградата биле евакуирани, а учениците кои требало да дојдат на настава биле вратени дома. Од градските власти во Нант одбија дополнително да го коментираат случајот.

Протестите утрово се проширија и на високообразовните установи. Според студентската организација „Јунион етидијант“ (Union Etudiante), блокади има во околу 30 кампуси. Во париското предградие Сен Дени денеска се собраа голем број млади луѓе кои застанаа пред полициски кордон, при што еден од учениците носеше транспарент со натпис: „Можеме ли да ги објасниме нашите постапки без да бидеме изложени на солзавец?“. Учениците ја обвинуваат полицијата за примена на репресивни тактики и прекумерна употреба на солзавец.

Владата го осуди насилството што одбележа дел од демонстрациите, но посочи дека мора да се признае постоењето на проблемите во средните училишта и да се најдат решенија за нив. Министерот за внатрешни работи Лоран Нуњез изјави дека на некои места има провокатори кои се движат околу училиштата за да поттикнуваат насилство. Од друга страна, министерот за национално образование Едуар Жефре ги повика образовните установи да преминат на онлајн-настава доколку нивните згради се блокирани. „Насилството нема да ги лиши нашите ученици од нивното основно право на образование“, напиша Жефре на социјалната мрежа Икс.

Демонстрациите и блокадите, кои започнаа минатата недела, предизвикаа силни политички тензии во исклучително чувствителен момент за владата, која денеска објави низа непопуларни намалувања на буџетските расходи за 2027 година.

Back to top button
Close