Ѓорѓиевски: На „Бела ноќ“ угостителските објекти со продолжено работно време, бесплатен автобускиот превоз и влез во Зоолошката градина
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски објави дека утревечер кога ќе се одржува манифестацијата „Бела ноќ“ работното време на угостителските објекти на подрачјето на Град Скопје се продолжува за два часа, за дружењето и убавата атмосфера да траат подолго, превозот со автобусите на ЈСП ќе биде бесплатен од 18 часот на 3 октомври до 5 часот на 4 октомври, а бесплатен ќе биде и влезот во Зоолошката градина Скопје.
Бела ноќ повторно во Скопје! Има ноќи во кои градот се доживува поинаку. Ноќи во кои улиците стануваат сцена, уметноста ни доаѓа во пресрет, а музиката нè спојува. На 3 октомври, Скопје повторно ќе живее една таква ноќ, нашата Бела ноќ! Оваа сабота, од 19:00 до 03:00 часот, плоштадите, мостовите, галериите, музеите и чаршијата ќе бидат места за нови доживувања и средби што се паметат. Ве поканувам заедно да го исполниме Скопје со љубопитност, насмевки и енергија и да ја почувствуваме неговата креативна сила, напиша Ѓорѓиевски на својот фејсбук профил.
Уметноста, посочува градоначалникот, ве очекува на плоштадот „Мајка Тереза“, на платото пред МОБ, во МКЦ, на Мостот на уметноста, на Боемска улица и во Старата скопска чаршија.
Дел од оваа ноќ ќе бидат и Музејот на Град Скопје, „Аудио Култура“, Домот на градежници, „Мала станица“, ДКЦ „Карпош“, Градската библиотека, Чифте амам, улицата „Македонија“ и Музејот на современа уметност. Излезете со семејството, повикајте ги пријателите и одберете ја својата прва станица. Дозволете му на Скопје да ве изненади со нешто што досега не сте го виделе, слушнале или почувствувале. Бела ноќ е покана за сите генерации, за сите што го сакаат овој град и за сите што допрва ќе го доживеат. На 3 октомври, да ги наполниме улиците со живот и да создадеме уште еден убав спомен за нашето Скопје, објави Ѓорѓиевски.






