Протести во Атина против посетата на американскиот државен секретар Рубио

Со слогани против НАТО и САД, во центарот на Атина, пред грчкиот Парламент, вечерва се одржаа протести против посетата на Грција на американскиот државен секретар Марко Рубио, на кој демонстрантите му порачаа дека е „непожелен во земјата“, јави дописничката на МИА од Атина.

Еден од собирите беше организиран од синдикатот ПАМЕ на Комунистичката партија, а засебни протести одржаа и левичарски партии и организации, студентски здруженија итн.

Протестите завршија мирно, а според полициски извори, имаше на 3.000 демонстранти.

Студентските здруженија и левичарските партии сакаа од грчкиот Парламент да протестираат низ улиците на Атина до амбасадата на САД, меѓутоа полицијата што со полициски автобуси го имаше блокирано централниот булевар пред Министерството за надворешни работи, не им дозволи да продолжат со планираниот марш, со оглед на тоа што речиси во исто време се очекуваше и пристигнувањето на Рубио.

Студентите истурија црвена боја на асфалтот пред силните полициски сили и мирно, без инциденти си заминаа.

Американскиот државен секретар Рубио кусо по 21 часот по локално време пристигна во Атина од Рејкјавик, а утре во грчкото МНР ќе се одржи шестиот круг од стратешкиот дијалог Грција – САД и планирано е, освен со министерот за надворешни работи на Грција Јоргос Герапетритис, да се сретне и со грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис.

Поради посетата на Рубио, Атина утре ќе биде под силни безбедносни мерки, повремено ќе се затвораат улиците во центарот на градот, а со одлука на полицијата забранети се секакви собири и протести.

Back to top button
Close