Зеленски: Украина не извршувала операции во водите на Бугарија
Претседателот на Украина Володимир Зеленски вечерва изјави дека украинските одбранбени сили не изведувале никакви операции во водите на Бугарија, каде што претходно беа нападнати два цивилни брода, од кои едниот потона, а другиот е тешко оштетен.
Тој, пренесува Укринформ, наведе дека украинските власти преку разузнавачките и безбедносните служби ги утврдуваат сите расположливи информации за, како што рече, новиот напад врз цивилни бродови во Црното Море.
Зеленски оцени дека новиот инцидент со цивилните бродови претставува продолжување на, како што наведе, руските настојувања западниот дел на Црното Море да го направи целосно несоодветен за пловидба.
– Ги проверивме сите податоци со бугарската страна. Нашите Военоморски сили стапија во контакт со колегите во Бугарија. Утврдено е дека станува збор за руски комбиниран напад со поморски и воздушни дронови – рече Зеленски.
Тој додаде дека им наложил на Вооружените сили на Украина, Министерството за одбрана, украинската разузнавачка служба и другите украински институции во целост да соработуваат со партнерите за да и Украина и нејзините партнери имаат поголеми можности за заштита.
Премиерот на Бугарија Румен Радев претходно го осуди нападот врз двата трговски брода погодени со дронови во бугарската ексклузивна економска зона во Црното Море, како „целосно неприфатливо“ кршење на меѓународното право и поморските норми.
Инцидентот се случи околу три часот наутро, 110 километри источно од Бјала, град на бугарското крајбрежје на Црното Море, кога врз бродовите биле извршени напади со поморски и воздушни дронови.






