НОВ ПРЕСВРТ ВО УБИСТВОТО НА СЛАВИ БИНЕВ: Се појави трага која води до озлогласените „Сиви волци“

Нови детали излегуваат на виделина по убиството на познатиот бугарски бизнисмен, поранешен европратеник и претседател на Бугарската таеквондо федерација, Слави Бинев (60), кој беше застрелан во саботата во Софија.

Според информациите на бугарскиот весник „24 часа“, еден од тројцата приведени за убиството наводно има врски со турското ултранационалистичко движење „Сиви волци“.

Станува збор за организација со која во минатото бил поврзан и Мехмет Али Агџа, човекот кој во 1981 година изврши атентат врз папата Јован Павле Втори во Ватикан.

За убиството на Бинев се приведени тројца мажи, еден бугарски и двајца турски државјани, кои биле негови познаници и имале деловни интереси во градежниот сектор.

Меѓу уапсените е и турскиот бизнисмен Ејуп Темиз, чија сопруга Ниja Темиз била деловна партнерка на убиениот во компанијата „Евинко“. Таа е архитектка и ќерка на поранешниот главен архитект на Софија, Стојан Јанев.

Осомничените побегнале со автомобил „Лексус“, но приближно еден час подоцна биле пресретнати на автопатот „Тракија“, во близина на тунелот „Трајанови врата“.

При полициската акција биле пронајдени два пиштола. Едниот бил во чанта на еден од приведените, додека другиот бил фрлен непосредно пред запирањето на возилото.

Една од главните насоки на истрагата се нерасчистени финансиски односи меѓу Бинев и осомничените.

Главниот секретар на бугарското Министерство за внатрешни работи, Љубомир Николов, изјавил дека засега нема индиции дека станува збор за однапред нарачано убиство.

Според него, можно е злосторството да се случило по ненадеен конфликт меѓу луѓе кои со години биле деловно поврзани.

Слави Бинев беше познат бугарски бизнисмен и политичар, поранешен пратеник во Европскиот парламент и долгогодишен претседател на Бугарската таеквондо федерација.

На денот на убиството требало да присуствува на отворањето на меѓународен таеквондо-турнир во Софија. По трагичната вест, организаторите му оддале почит со едноминутно молчење.

Истрагата продолжува, а надлежните треба да утврдат кој го испукал смртоносниот истрел и што точно му претходело на убиството.

Back to top button
Close