Руската Амбасада контра Македонската АНБ. Етикетите за некакви „проруски хибридни активности “ се невистинити. Чекаме средба
Коментар од Амбасадата на Руската Федерација во врска со изјавата на Агенцијата за национална безбедност на Република Северна Македонија (Скопjе, 29 октомври 2026 година)
Во Амбасадата со изненадување се запознаа со соопштението на Агенцијата за национална безбедност на Република Северна Македонија од 1 октомври оваа година во врска со откривање во земјата на „пропагандна мрежа која е во функција на руските интереси“.
Имајќи ја предвид сериозноста на обвинувањата содржани во официјалната информација на органот на извршната власт на земјата домаќин, Амбасадата без одлагање се обрати до Министерството за надворешни работи и надворешна трговија на Северна Македонија со барање да се организира средба на Амбасадорот на Русиjа со раководството на МНР и АНБ, со цел да се добијат разјаснувања во врска со суштината на прашањето. За жал, до денес не само што не е одржана средбата, туку не е добиен ниту одговор на соодветната нота на Амбасадата.
Во ваквите околности, земајќи го предвид одекот во јавноста предизвикан од наведеното соопштение на АНБ, како и неговиот јавен карактер, Амбасадата смета за потребно да го информира пријателскиот народ на Македониjа за следново.
Решително ги отфрламе неоснованите обвинувања против нашата земја за ширење пропагандни материјали, кои, како што се тврди во соопштението на АНБ, имале за цел да „се поткопува довербата во институциите“ и „се поттикнува етничка и национална омраза и нетрпеливост“.
Изразуваме решително несогласување со етикетирањето на наводното прекршување на повеќе членови од Кривичниот законик од страна на македонски државјанин, кое е предмет на истрага, како „проруски хибридни активности“.
Сметаме дека обидите за префрлање на одговорноста врз Русија за проблемите што постојат во односите меѓу Северна Македонија и некои од нејзините потенцијални партнери од ЕУ претставуваат неуспешен обид да се одвлече вниманието на македонската јавност од вистинските причини за она што се случува.
И натаму очекуваме од страна на Северна Македониjа да даде разјаснувања во врска со јавните обвинувања против нашата земја, како што налага вообичаената дипломатска практика и одговорноста на државните институции. Притоа, уверени сме дека пријателските чувства што братскиот народ на Македониjа ги негува кон Русија остануваат непроменети. Убедени сме дека тој е способен да ја разликува вистината од лагата и да ги извлече вистинските заклучоци од оваа историjа.





