Професор од „Студентската листа“: Вучиќ не се вооружуваше поради Хрватска, туку поради пари

Еден од истакнатите претставници на „Студентската листа“, 49-годишниот професор по психологија и раководител на Катедрата за психологија при Филозофскиот факултет во Белград – Оливер Тошковиќ, во интервју за хрватски „Индекс“ изјави дека не очекува целосно мирна и непречена транзиција во Србија.

Тој тврди дека српскиот претседател Александар Вучиќ до неодамна не се откажувал од власта и опиша како победничката „Студентска листа“ на парламентарните избори во неделата морала буквално да ги чува гласачките кутии од неговите луѓе.

„Се надевам дека конечно ќе можеме да ги намалиме тензиите. Имам впечаток дека режимот на Вучиќ, секогаш кога тоа му одговарало, ги зголемувал тензиите на сосема бесмислени начини, а сè со цел да ја задржи власта. Кога започнаа студентските блокади, се случи онаа луда депортација на хрватски државјани, од кои некои живееле во Србија и по 10 години. Се сеќаваме на онаа хрватска лекарка која живееше во Србија и имаше семејство – она што ѝ го направи режимот беше нехумано. Затоа, нашата желба е да градиме добрососедски односи и да живееме заедно, како што живеевме порано. Ми се чини дека тензиите всушност и не постојат, туку политичарите ги создаваат за своите дневнополитички цели.“ Се разбира, постојат луѓе кои поминале низ војни и не се чувствуваат пријатно кога се покренуваат такви теми, но задачата на политиката е да ги намали тие тензии и да ги насочи кон добрососедски односи, а не обратно“ вели Тошковиќ.

Тој вели „ја гледам Хрватска како поранешен брачен партнер со кој сме поминале низ бурен развод, а секој психолог ќе ви каже дека, заради доброто на децата – односно нашите идни генерации – тој развод треба да се преточи во добри односи“.

„Мислам дека тоа е нешто што нашиот народ генерално го очекува и посакува. Луѓето се веќе уморни од ваквите препукувања и расправии. Не сум експерт за одбранбениот систем, но врз основа на мојот општ впечаток за начинот на кој владее Вучиќ, можам да кажам дека основен мотив за повеќето негови потези е личниот ќар и интересот. Според тоа, сметам дека Вучиќ и неговите соработници во вооружувањето виделе добар начин да се збогатат“ вели Тошковиќ.

Back to top button
Close