Француското обвинителство го квалификува нападот кај Париз како расистички тероризам: Осомничениот призна дека намерно напаѓал муслимани


Осомничениот за пукањето во близина на Париз, во кое загина едно лице, а седум беа ранети, намерно избирал муслимани и лица со африканско потекло како свои цели, соопшти денеска француското обвинителство за борба против тероризмот.

Против 39-годишниот француски државјанин се води истрага за убиство и обид за убиство со терористички и расистички мотиви, а францускиот претседател Емануел Макрон го осуди настанот како „расистички терористички напад“, пренесе ДПА.

Осомничениот призна за време на распитот дека постапувал намерно и дека напаѓал лица кои, според неговите зборови, имале „муслимански, африкански или северноафрикански изглед“, изјави обвинителот за борба против тероризмот Оливие Кристен. Тој објаснил дека го избрал градот Трап, западно од Париз, бидејќи го сметал за „упориште на исламистите“.

Пукањето се случи минатиот петок во градовите Трап и Ла Вериер, каде што мажот отвори оган со автоматско оружје од автомобил, по што бил уапсен кратко по нападот.

И покрај признанието, тој негира дека имал терористички намери и инсистира дека неговите постапки биле оправдани, соопшти обвинителството. Мажот, исто така, негира дека имал намера да убива деца, објаснувајќи дека можно е погрешно да ја проценил возраста на едно тешко повредено 11-годишно дете поради неговата висина. Тој изјави дека воопшто не чувствува каење за нападот.

Според обвинителот Кристен, осомничениот со години бил подложен на психијатриско лекување и уште од младоста употребувал големи количества наркотични супстанции. Со анализите направени по нападот биле откриени траги од кокаин, канабис и антидепресиви во неговата крв. При претресот на неговиот дом, истражителите пронашле оружје, делови за оружје и примерок од книгата на Адолф Хитлер „Мојата борба“ (Mein Kampf).

Back to top button
Close