(ВИДЕО) „Дали над 50 милиони евра се префрлаат преку Алта банка во Македонија – зошто Мицкоски и Славески молчат?“, вели Жерновски
СДСМ отвори прашања за наводен трансфер на повеќе од 50 милиони евра од централата на Алта банка во Белград кон Алта банка во Македонија, обвинувајќи ги премиерот Христијан Мицкоски и гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, дека молчат за случајот.
На прес-конференција, секретарот за меѓународна соработка на СДСМ, Андреј Жерновски, побара одговори за потеклото и движењето на парите, како и за околностите под кои Алта банка добила дозвола да влезе на македонскиот пазар.
Жерновски тврдеше дека станува збор за банка на која, според неговите наводи, ѝ бил ограничен пристапот до пазарот на Европската унија поради сомнежи поврзани со потеклото на парите, перењето пари и безбедносните ризици за регионот. Тој ги обвини Мицкоски и Славески дека го овозможиле нејзиното влегување во Македонија и побара да објаснат зошто сега не даваат одговори за нејзиното работење.
Од СДСМ соопштија дека преку свиркачи добиле информации дека по влегувањето на Алта банка во Македонија, на вработени во институции и на компании што добиваат тендери усно им било наложувано да работат преку оваа банка. Жерновски рече дека доколку овие информации се потврдат, тоа би значело дека македонски институции и компании се поврзани со мрежа за трансфер на сомнителни пари.
Тој посочи дека, според информации што пристигнуваат од Србија, повеќе од 50 милиони евра биле префрлени од седиштето на Алта банка во Белград кон нејзината банка во Македонија. Побара институциите да го испитаат потеклото на средствата и да утврдат дали има неправилности.
Жерновски упати критики и кон обвинителството поради отсуството на реакција, а од Мицкоски и Славески побара јавно да одговорат на поставените прашања. Во обраќањето направи паралела и со други случаи за кои СДСМ претходно барал истраги, меѓу кои петте тони дрога и кредитот од една милијарда евра од Унгарија.
Од СДСМ нагласуваат дека очекуваат институциите да постапат и да ги испитаат наводите за трансферите и потеклото на парите.






