Николоски не очекува промената на власта во Србија негативно да влијае на инфраструктурните проекти на Скопје и Белград

„Тоа се проекти што надминуваат еден мандат, една влада и коишто се стратешки приоритет за државите во регионот. Така што, очекувам во таа насока и новата влада во Србија да продолжи да ја развива инфраструктурата, затоа што Коридорот 10 за нив е природен спој до Егејското Море, до солунското и атинското пристаниште и верувам дека не би се откажале од тоа“, изјави Николоски на заедничката прес-конференција со вицепремиерот за надворешни и европски прашања на владата на Црна Гора, Филип Ивановиќ

Ивановиќ, во однос на истото прашање, смета дека на победниците на изборите во Србија треба да им се остави време да ги формираат институциите и извршната власт, односно владата, и да донесат, како што кажа, еден вид план за политиката што сакаат да ја спроведат

Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски не очекува промената на власта во Србија, по победата на Студентската листа на неодамнешните предвремени парламентарни избори, да влијае на изградбата и завршувањето на инфраструктурните проекти меѓу двете држави, особено во делот на железницата.

Николоски и вицепремиерот за надворешни и европски прашања на Владата на Црна Гора, Филип Ивановиќ, кој денеска престојува во посета на земјава, на заедничката прес-конференција, меѓу другото, беа прашани дали промената на власта во Србија може влијание на инфраструктурните проекти што Скопје и Подгорица и ги имаат со Белград, во смисла на евентуално нивно укинување или пролонгирање.

Македонскиот вицепремиер и министер за транспорт во таа насока кажа дека станува збор за стратегиски проекти, при што особено го посочи Коридорот 10, на кој треба да биде изграден заеднички железнички граничен премин на „Табановце“, а се планира и реализација на проект за брза пруга на овој коридор. Николоски посочи дека за железничкиот премин е обезбеден и грант од Европската Унија и веќе е избран изведувач на проектот.

„Таму имаме голема грант-компонента што ја користиме преку механизмот за поддршка на Европската Унија за Западен Балкан, значи е директно грант од Европската Унија. Избран е изведувач, тоа е македонската компанија ‘Гранит’, така што динамиката на работите е соодветна на она што е потпишано во договорот и очекувам доколку сè оди добро, согласно рокот, до крајот на следната година веќе тој заеднички железнички граничен премин да биде завршен и потоа да биде ставен во функција, имајќи предвид дека со Грција има таков уште од времето на поранешна Југославија, односно воспоставен е на крајот на 1970-тите години на минатиот век“,рече вицепремиерот и министер за транспорт.

Тој додаде дека не гледа ниту една причина зошто Македонија и Србија не би имале заеднички железнички премин, што ќе овозможи брз транзит, особено на товарните возови.Кога станува збор за најавената брза пруга, Николоски рече дека и во овој случај станува збор стратегиски проект. Како доказ дека промените на владите не влијаат на вакви големи проекти е стартот на брзиот воз на линијата Белград – Будимпешта – Виена, кој треба да стартува на 13 декември.

„Тоа се проекти што надминуваат еден мандат, една влада и коишто се стратешки приоритет за државите во регионот. Така што, очекувам во таа насока и новата влада во Србија да продолжи да ја развива инфраструктурата затоа што Коридорот 10 за нив е природен спој до Егејското Море, до солунското и атинското пристаниште и верувам дека не би се откажале од тоа“изјави Николоски.

Според вицепремиерот за надворешни и европски прашања на Црна Гора, сè уште е рано да се говори за првите потези на новите власти во Република Србија. Тој смета дека на победниците на изборите треба да им се остави време да ги формираат институциите и извршната власт, односно владата, и да донесат, како што кажа, еден вид план за политиката што сакаат да ја спроведат.

Вицепремиерот за надворешни и европски прашања на Владата на Црна Гора, Филип Ивановиќ, на заедничката прес-конференција со вицепремиерот и министер за транспорт на Македонија, Александар Николоски / Фото: Принтскрин

„Црна Гора со Србија дели многу работи кои не се однесуваат само на инфраструктура, економија и стопанство. Она што ние го сакаме е да воспоставуваме најдобри можни односи меѓу нашите две држави. Како што знаете, нашиот автопат од Бар до границата со Србија треба да се спои со автопатот од другата страна и да оди до Белград, што сметам дека е од интерес на двете страни. Како ќе оди изградбата на тој автопат и другите проекти тоа е секако прашање за новата власт во Србија. А што се однесува до нас, ние тоа секако ќе го направиме“,изјави Ивановиќ.

Back to top button
Close