ДКСК го регистрира првиот странец лобист од Австрија во земјава

– Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) денеска донесе решение со кое го регистрира првиот странец лобист, кој во земјава доаѓа од Австрија.

Претседателот на ДКСК Адем Чучуљ на јавна седница информираше дека до нив било доставено барање од физичко лице, државјанин на друга држава, за запишување во Регистерот на лобисти, лоби организации и лобирање, а по проверка на податоците и исполнување на законските услови, лицето без пречки е запишано во Регистерот.

-Ова е прв случај на странец, државјанин на Австрија, да се запише како лобист во земјава. Лобистот се регистрира за лобирање во областа здравствена заштита, безбедност на храна, труд и социјална политика, економија, внатрешен пазар, занаетчиство, енергетика, заштита на животна средина и ветеринарство, транспорт, телекомуникации, градежно земјиште, буџет и финансии, девизно работење, локална самоуправа и локален економски развој и друго, информираше членот на ДКСК, Бесник Џемаили.

Во Регистерот на лобисти, лоби организации и лобирање кој го води ДКСК во моментов има три лоби организации и два лобисти, а од денеска и еден лобист странец регистриран согласно актуелниот Законот за лобирање, кој е во фаза на измени и дополнување.

-Формираната работна група заврши со измените и дополнувањата на Законот за лобирање и оформен е финалниот текст кој ќе биде проследен во владина процедура. Се очекува до крајот на годината измените на законот да бидат донесени, но тоа е во надлежност на Министерството за правда. Суштинска новина во измените на законот е зајакнатата надзорна улога на ДКСК за органите кај кои што се лобира, бидејќи досега немавме регистрирани активности. Позитивно е што се регистрираат лобисти вклучувајќи и странец како физичко лице, но ние сакаме да имаме и пријавени активности на лобистите и лоби организациите, како и од органите кај кои се лобира, изјави за МИА, Софија Спасова Медарска, членка на ДКСК.

Членовите на ДКСК денеска разгледаа 63 предмети од надлежност на Комисијата поднесени од познато или непознато лице, како и по сопствена иницијатива, а во три случаи ДКСК предметите ќе ги достави на постапување во Јавното обвинителство.

 

Back to top button
Close