Судан ѝ понуди на Русија инвестиции во рудници и слободна економска зона на Црвеното Море
Судан е подготвен да ѝ понуди на Русија можности за инвестиции во експлоатација на злато, бакар и други минерали, како и основање слободна економска зона на брегот на Црвеното Море, изјави претседателот на Преодниот суверен совет на Судан, Абдел Фатах ал Бурхан, за време на денешната средба со рускиот претседател Владимир Путин во Москва.
Според руските медиуми, Ал Бурхан предложи Русија во рамките на економската зона да изгради складишта за гориво и пченица, како и да учествува во модернизацијата и проширувањето на суданската железничка мрежа. Тој оцени дека соработката со руските компании би можела да придонесе за развој на логистичките правци за транспорт на стока со железница.
Путин истакна дека Москва е подготвена да соработува со Судан во областите на дигиталниот развој, здравството, образованието, логистиката и индустријата, наведувајќи дека Русија подготвила мапа на патот за перспективните области на билатералната соработка.
Рускиот претседател додаде дека трговската и економската размена меѓу двете земји континуирано расте, и покрај политичките предизвици со кои се соочуваат африканските држави. Според него, трговската размена меѓу Русија и Судан е повеќе од удвоена во 2025 година, додека во периодот од јануари до август 2026 година е зголемена за 25 отсто.
За време на средбата со Ал Бурхан, Путин повика на запирање на борбените дејства во Судан и преоѓање кон политичко решение на кризата, истакнувајќи дека Москва разгледува како може да придонесе за смирување на ситуацијата.
Ал Бурхан претходно, на руско-африканскиот самит, порача дека мирот во Судан мора да биде резултат на внатрешен договор, без странски притисоци и мешања, потсетува Ал Џезира. Тој наведе дека суданската влада работи на создавање услови за демократска цивилна транзиција преку дијалог во рамките на земјата, по што би следеле слободни и фер избори со регионален и меѓународен надзор.
Во судирите меѓу суданската армија и паравоените Сили за брза поддршка (РСФ), кои траат од април 2023 година, загинаа десетици илјади лица и принудија околу 13 милиони луѓе да ги напуштат своите домови, додека хуманитарната криза и гладот во земјата се продлабочуваат.






