Советот за безбедност на ОН го продолжи мандатот на ЕУФОР

Советот за безбедност на ОН денеска едногласно за една година го продолжи мандатот на воената мисија на Европската Унија во БиХ, а за време на расправата за состојбата во земјата мнозинството членки на ова тело дадоа поддршка за Канцеларијата на високиот претставник (ОХР) со извршни овластувања, како и за целосноста и суверенитетот на БиХ.

Советот за безбедност за состојбата во БиХ расправа на секои шест месеци врз основа на извештајот од ОХР, а последниот во Њујорк пристигна со потпис на Луис Кришок, американски дипломат кој привремено ја врши должноста висок претставник на меѓународната заедница, откако Кристијан Шмит во јуни поднесе оставка под притисок на администрацијата на Доналд Трамп.

Во документот, кој денеска во целост беше објавен од седиштето на ОХР во Сараево, стои дека периодот од мај во БиХ бил одбележан со подготовки за изборите, смртта на Ратко Младиќ и продолжувањето на опструкциите кои влијаат врз функционирањето на државните институции.

Проценката на ОХР е дека воведувањето нови технологии го подобрило интегритетот на изборниот процес, додека смртта на Младиќ и реакциите на неа поттикнале нов бран пораки одбележани со национализам и етнички поделби, а минимално внимание им било посветено на конкретните предлози за решавање на социоекономските предизвици со кои се соочува БиХ.

Иако директните предизвици за уставниот поредок на Босна и Херцеговина кои се појавија во почетокот на 2025 година беа помалку изразени во периодот што го опфаќа извештајот, институционалните опструкции и запаливата политичка реторика продолжија. ОХР притоа предупредува дека главен извор на таквите проблеми и понатаму претставуваат владејачките кругови од Република Српска.

„Постојаните опструкции ги ослабуваат државните институции, ја ограничуваат нивната способност да ги исполнуваат своите законски обврски и ги одложуваат евроатлантските интеграции, а во комбинација со обидите за заобиколување на државните институции и воспоставување одвоени структури во Република Српска, тие го засилуваат сценариото за де факто одвојување“, е оценката на ОХР.

Освен Додик и неговата партија, во извештајот во контекст на тешкотиите во функционирањето на власта е споменат и ХДЗ БиХ, и тоа поради констатацијата дека пратениците на овие две партии ги напуштале седниците на Домот на народите на државниот парламент, па законите усвоени во Претставничкиот дом често останувале блокирани.

ОХР го извести Советот за безбедност и за проектот Јужна интерконекција, чија цел е поврзување на гасните мрежи на БиХ и Хрватска за да се избегне зависноста од гасот од Русија. Констатирано е и дека е пробиен рокот за потпишување на договорот меѓу владата на Федерацијата БиХ и инвеститорот, кој истекол во јуни.

Како проблематична ја оценуваат и состојбата во Мостар поради тешкотиите во функционирањето на градската администрација, што, според оценката на ОХР, го загрозува спроведувањето на договорот што во 2020 година го потпишаа Драган Човиќ и Бакир Изетбеговиќ како лидери на ХДЗ и СДА.

Во извештајот е наведена и оценката дека немало никаков напредок во исполнувањето на петте цели и двата услова кои уште во 2008 година беа дефинирани како претпоставка за затворање на ОХР.

Тами Брус, американската амбасадорка при ОН, изјави дека Вашингтон ги поддржува суверенитетот и територијалниот интегритет на БиХ, како и напорите на сегашниот висок претставник Кришок „со цел локалните лидери постепено да преземат сè поголема одговорност“.

Упатувајќи јасна поддршка за ОХР, претставничката на Велика Британија, Сара Мекинтош, истакна дека Лондон одлучно ја осудува „реториката која повикува на сецесија или на воспоставување трет ентитет“, сметајќи ги за спротивни на Дејтон и за закана за мирот и стабилноста.

Францускиот амбасадор Жером Бонафон исто така го осуди „сепаратистичкиот дискурс“ во БиХ и поддржа што побрз избор на нов висок претставник кој трајно би го наследил Шмит.

Опстанокот на ОХР на седницата на Советот за безбедност повторно го доведоа во прашање само Русија и Кина, кои тоа го прават со години со тезата дека меѓународната заедница треба веднаш да им ја препушти целата одговорност на домашните политичари во БиХ.

Рускиот амбасадор Василиј Небензја тврдеше дека „надворешни сили“ се обиделе да влијаат врз последните избори во БиХ, а е уверен дека нивниот исход ќе придонесе за стабилизација на состојбата во БиХ. Тој ги обвини западните држави дека ги креирале сите проблеми во БиХ, при што ОХР го користат како инструмент за мешање во внатрешните работи на БиХ.

Back to top button
Close