Сибиха: Зеленски е подготвен да преговара со Путин за териториите, но не во Москва
Украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха денеска изјави дека претседателот на Украина Володимир Зеленски е подготвен да се сретне со претседателот на Русија Владимир Путин и директно да разговара за територијалните прашања во рамките на напорите за ставање крај на војната, но дека средбата не може да се одржи во Москва.
Сибиха во интервју за финскиот весник „Хелсингин Саномат“ рече дека местото на средбата за Киев не е од пресудно значење, под услов тоа да не бидат Москва или Белорусија, со шеговита забелешка дека би можела да биде исклучена и Северна Кореја. Повикот од Русија Зеленски да дојде во Москва го оцени како „несериозен“.
– Сакаме таква средба и подготвени сме за неа. Веројатно само средба меѓу Зеленски и Путин може да донесе нова динамика во преговорите. Зеленски е подготвен да разговара за најтешките и најчувствителните прашања, вклучително и територијалното прашање – рече Сибиха.
Тој нагласи дека директните разговори би можеле да доведат до мерки за градење доверба, вклучително и размена на заробеници и враќање на украинските деца кои, како што тврди Киев, Русија ги одвела од Украина.
Според него, Киев ги поддржал разговорите на финскиот претседател Александер Стуб и норвешкиот премиер Јонас Гар Стере со Путин, оценувајќи дека тој повик отворил нов дипломатски канал.
Сибиха ја повика Европа да преземе посилна улога во мировните преговори и да настапува единствено, но истакна дека европската дипломатија треба да ги дополнува, а не да ги замени напорите на САД.
– Не е реално да се заврши војната без нив, ниту да се добијат вистински безбедносни гаранции за иднината без нив – рече Сибиха, говорејќи за улогата на Вашингтон.
Тој додаде дека интензивираните руски напади врз Украина се дополнителна причина поради која Киев бара нови дипломатски канали преку Финска и Норвешка. Според него, Русија во текот на две недели истрелала 100 балистички проектили врз Украина.
Американскиот претседател Доналд Трамп на 28 октомври изјави дека се надева оти „многу брзо“ ќе се сретне со Путин и Зеленски.
Портпаролот на рускиот претседател Владимир Путин, Дмитриј Песков, не ја исклучи можноста за средба, но рече дека таа би барала „опсежни и внимателни подготовки“.
Зеленски претходно предложи средба со Путин на маргините на самитот на Г20 во САД во декември, но Песков таа можност ја отфрли како „невозможна“, повторувајќи го повикот на Москва Зеленски да дојде во Русија.






