Видео: Штом се исклучија камерите, се исклучи и парното“ — посетата на Јаневска во „Стив“ била „изрежиран филм“, вели Здравевски од Левица


Петар Здравевски, советник од Левица во Советот на Општина Кисела Вода, тврди дека по денешната „инспекциска“ посета на министерката за образование Весна Јаневска на штотуку реновираниот студентски дом „Стив Наумов“, проблемите за студентите останале. Според него, кога се исклучиле камерите, веднаш повторно се исклучило парното, а наводно прикажаната обилна храна во мензата не ја отсликувала секојдневната реалност на студентите.

Здравевски ја критикува посетата на Јаневска како обид за создавање привид дека условите во студентскиот дом се подобрени, наместо институциите да се соочат со проблемите и да обезбедат достоинствени услови за живот на студентите, кои се соочуваат со вода што тече од ѕидовите, бучни радијатори, недоволна храна во мензата, недостиг од интернет…

„Гледам Јаневска денес била во посета на штотуку реновираниот студентски дом Стив Наумов и место да ја прикаже вистинската слика во студентскиот дом, одлучила да сними изрежирано само она што треба да го види јавноста. На изрежираниот филм на Јаневска може да се види обилна храна во студентската менза, функционално парно, како сѐ е чисто, уредно, педантно, никој од студентите што се снимани нема никакви проблеми да пријави. Но реалноста е далеку од тоа, реалноста е дека вода тече од ѕидовите, реалноста е дека радијаторите прават неподносливи звуци, реалноста е дека храната во мензата е недоволна, дека интернет нема…“, пишува Здравевски во објава на социјалните мрежи.

„Штом се изгаснаа камерите и си замина министерката, веднаш се исклучи и парното, а обилниот ручек исчезна исто толку брзо колку што дојде. Додека во бараките паѓаат ѕидови и тече вода, тие снимаат евтин ПР за да продадат илузија дека сè е во ред. Студентите не се статисти во вашите режирани претстави, ниту пак живеат во вашите 5-минутни видеа. Време е да престанете да ги шминкате проблемите и конечно да обезбедите услови за достоинствен живот!“, вели членот на Левица.

Здравевски објави и видео на кое може да се слушне продорниот звук што го испуштаат радијаторите во реновираниот дом, како и вода која тече низ ѕид во една од бањите.

Back to top button
Close