Еди Рама предлага единствен национален испит за сите што сакаат да работат во државната администрација во Албанија

Албанскиот премиер Еди Рама предлага воведување единствен национален испит за сите албански граѓани кои сакаат да работат во државната администрација, како дел од мерките на неговата влада за подобрување на односите и довербата меѓу граѓаните и институциите во земјата.

Рама денеска на својот профил на Фејсбук објави видео во кое учествува и албанската министерка за јавна администрација и борба против корупцијата, Адеа Пирдени. Во видеото двајцата го објаснуваат таканаречениот механизам „Скала на заслугите“, еден од трите механизми чија цел е подобрување на односите и довербата меѓу албанските граѓани и институциите, што владата ги претстави на почетокот на септември.

Според објаснувањето на Рама и Пирдени, „Скалата на заслугите“ предвидува воведување единствен национален испит за вработување во државната администрација, кој ќе биде задолжителен услов за пријавување на работни места во сите државни институции. Кандидатите кои успешно ќе го положат испитот ќе добијат сертификат со важност од четири години. Сертификатот нема да им гарантира работно место во администрацијата, но ќе им даде право да конкурираат за позиции во неа. По истекот на четиригодишниот рок, кандидатите ќе треба повторно да полагаат испит.

Рама изјави дека со оваа мерка албанските власти имаат цел да воспостават поправедна и потранспарентна основа за конкуренција.

„Еден млад човек, каде и да живее во Албанија, не треба да гледа на влезот во администрацијата како на врата за која мора да најде некого што ќе му ја отвори. Тој треба да знае дека постои јасен пат преку кој може да покаже што знае и за што е способен, и со оваа логика ќе го направиме тоа достапно за сите“, рече Рама

Back to top button
Close