Бришел оценки, менувал бодови – Претреси и апсење на штипскиот универзитет, пронајдени купчиња пари
Полициски службеници од штипската полиција од утрово вршат претреси на повеќе локации во Штип и Скопје по сомнение за манипулација со испити и други постапки пред службите на Универзитетот Гоце Делчев во Штип.

Според неофицијалните информации кои ги пренесе Press24 по сомнение е едно лице кое било вработено на Универзитетот како раководител на ИТ секторот. Според сомненијата, ова лице подолг период манипулирало со внесување бодови од испити, запишување семестри без услови, бришење оценки, за што добивало одреден паричен надомест. Според првичните инфорамции, ваквите „услуги“ ги нудел главно на студенти од Турција кои во значителен број студираат на овој универзитет.
Нашите извори откриваат дека при претресите пронајдена била голема сума на пари во домот на осомничениот.
Од Министерството за внатрешни работи ја потврдија полициската акција и соопштија дека претресите се вршат по судска наредба обезбедена од Основното јавно обвинителство Штип.
„Полициски службеници од Одделот за криминалистичка полиција, СВР Штип, СВР Скопје и Секторот за компјутерски криминал при МВР вршат претреси на повеќе локации во Штип и Скопје во врска со кривичните дела злоупотреба на службената положба и овластување и оштетување и неовластено навлегување во компјутерски систем од страна на Р.Т., раководител на информатички сектор при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип“, информираат од МВР.
Полициската акција сè уште трае, а од МВР најавуваат повеќе информации по нејзиното завршување. Засега нема официјална потврда колку студенти биле опфатени со сомнителните интервенции во универзитетскиот систем, ниту колку пари наводно биле наплаќани за ваквите услуги.






