Левица: Богојески на национална, провладина телевизија пропагира машка контрола над жените – ова е настраното општество што го нуди ДПМНЕ
На национална телевизија, во емисијата „Под лупа” на Алфа, Петар Богојески изјави дека феминизмот ги направил жените да се однесуваат „неадекватно” затоа што го отфрлиле машкиот надзор. Според него, надзорот врз сопругата е задача и обврска на мажот.

Ова е десничарскиот општествен модел што ДПМНЕ сака да ни го наметне: мажот да контролира, жената да слуша, а секоја борба за женска слобода да се претставува како закана за семејството! Под превезот на „традиционалните вредности”, ни се сервира идеологија во која жената повторно треба да биде сведена на послушна сопруга, зависна од машката волја и лишена од сопствената автономија.
Кога ваквите пораки добиваат простор на национална телевизија, кога политички фигури од десничарскиот табор постојано ги промовираат истите патријархални вредности, а институциите се исполнети со кадри на владејачката партија, станува очигледно дека станува збор за идеолошка битка за тоа во какво општество ќе живееме. ДПМНЕ не сака само да владее со институциите – сака да ги диктира и општествените норми, семејните односи и местото на жената во општеството.
Во општество во кое жените се соочуваат со семејно насилство, институционална негрижа и фемициди, на национална телевизија им се објаснува дека машкиот надзор е обврска. Контролата се претставува како грижа, покорноста како морал, а женската еманципација како општествен проблем. Кога десницата зборува за „распадот на семејството”, очигледно не ја проблематизира економската несигурност, сиромаштијата, иселувањето или отсуството на институционална поддршка – туку слободата на жените да одлучуваат за сопствениот живот.
Дополнително, Богојески е доцент на Воената академија „Генерал Михаило Апостолски”. Оттука, неговите јавни ставови отвораат сериозно прашање за вредностите што ги промовираат носителите на образовни и институционални функции. ДПМНЕ не може да се крие зад формалната независност на институциите кога истовремено политичкиот и медиумскиот простор во кој дејствуваат овие кадри ги нормализира истите конзервативни, патријархални, злобни политики.
Антифашистичкиот фронт на жените при Левица бара одговорност од Алфа телевизија за уредувачките стандарди според кои се промовираат ваквите ставови, реакција од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги во рамките на нејзините надлежности и јавно произнесување од Воената академија за ставовите на својот доцент. Истовремено, ја повикуваме власта на ДПМНЕ да престане да ја прикрива својата конзервативна и злонамерна идеологија зад празни флоскули за заштита на семејството и традицијата.
Семeјството не се распаѓа затоа што жените се ослободуваат од патријархалната контрола. Се распаѓаат патријархалните односи на моќ што со векови ја третирале жената како сопственост.
ДПМНЕ може да ги менува законите, да ги поставува своите кадри и да го контролира политичкиот дискурс, но нема да ја врати жената во улога на послушна сопруга. Нема да дозволиме десницата да ја претвори женската еманципација во непријател, а машката доминација во државно поддржувана општествена норма!






