Средношколците и студентите повторно организираа блокади и протести во повеќе градови во Франција

Средношколците и студентите денеска повторно организираа блокади и протести во повеќе француски градови, меѓу кои Париз, Рен, Марсеј и Тулуз, полицијата интервенира за да деблокира одредени училишта, а тројца ученици се приведени во Нант во рамките на истрагата за пожарот што избувна во средното училиште „Нелсон Мaндела“ на 1 октомври.

Во Рен средношколците рано утринава се обидоа да го блокираат своето училиште, но полицијата и жандармеријата ги отстранија барикадите, пренесува телевизијата БФМ. Околу 8 часот триесеттина ученици повторно ги блокираа двата влеза и излези од училиштето. Повеќе од 100 средношколци се собраа пред училиштето, каде што беа распоредени многубројни полициски и жандармериски единици, кои на крајот ги растераа демонстрантите за да овозможат премин.

Во Марсеј, учениците од едно големо средно училиште, кое досега беше целосно блокирано, преминаа на делумна блокада и пропуштање на учениците за да спречат интервенција на жандармеријата и да им овозможат влез на оние што сакаат да присуствуваат на наставата.

Во Париз блокадите и протестите продолжија во неколку образовни установи вклучувајќи ги средното училиште „Луј Велики“ и Универзитетот „Асас“, средното училиште „Елен Буше“ повторно беше блокирано, а демонстрантите протестираа пред полициските сили.

Блокади беа регистрирани и во Тулуз, каде што учениците со барикади и контејнери за ѓубре блокираа едно средно училиште. Вчера во тој град беше попречено функционирањето на 12 од вкупно 13 средни училишта, а еден од учениците што учествуваат во протестите изјави за телевизијата БФМ дека барањата на демонстрантите се исти како на почетокот на движењето, но дека на нив „не е одговорено“. Според него, денеска се мобилизирани и студентите од Универзитетот „Жан Жорес“ во Тулуз и Институтот за политички науки во Тулуз.

Во меѓувреме, во Нант рано утринава беа уапсени и приведени тројца ученици од средното училиште „Нелсон Мaндела“, кои се задржани во полиција во рамките на истрагата за пожарот што избувна во тоа училиште на 1 октомври. Сите тројца се ученици на таа образовна установа.

Протестите на средношколците и студентите во Франција почнаа во средината на септември поради недостигот на наставен кадар, лошите услови во училиштата и незадоволството од состојбата во образовниот систем. На демонстрациите минатата сабота учествуваа повеќе од 300.000 луѓе. Меѓу главните барања на демонстрантите се поголеми вложувања во образованието, вработување наставници, намалување на бројот на ученици во паралелките и реформа на системот за упис на факултетите.

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close